Надворешна политика
Гарет: Кризата да се реши на начин со кој Македонија ќе се придвижи кон ЕУ и НАТО
Македонија е во многу фрустрирачка ситуација и битно е кризата да се реши на начин кој ќе и овозможи на земјата да се придвижи напред, а со тоа ќе можат да се разрешат и другите пречки на патот кон ЕУ и НАТО, вели британскиот амбасадор Чарлс Гарет во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Гарет смета дека претстојниот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија ќе се осврне на многу теми, кои се од клучно значење за иднината на земјата.
„Комисијата би требало да се произнесе по тоа прашање и наскоро ќе дознаеме. Мислам дека е одлично што имаше договор, тоа е чекор напред за Македонија и им честитам на сите вклучени во процесот. Извештајот ќе содржи повеќе препораки за Македонија и информации за состојбата на демократијата и владеењето на правото, но и за другите области во Македонија. Затоа е битно да се погледне содржината, да се има предвид при идните чекори за земјата“, вели Гарет во интервјуто за РСЕ.
Тој додава дека се уште не е сигурен во каква форма ќе биде спакувана препораката која се очекува од страна на Комисијата, но дека сите политички лидери во Македонија треба да се посветат на она што ќе биде содржано во таа препорака.
„Се разбира, ова е прашање за кое Комисијата треба да одлучи како ќе биде спакувано. Она што е битно е што содржи таа условеност. Сите извештаи во нив содржат условеност, пакет на мерки за тоа до каде е земјата и што уште треба да направи. Фокусот треба да биде таму, на содржината на извештајот, да се види што е она што лидерите и институциите во Македонија треба да го направат за да се придвижи Македонија напред“, додава британскиот амбасадор.
Тој исто така потенцира дека во април следната година треба да бидат одржани кредибилни избори и дека потребна е добра волја кај сите, односно не само политичарите туку и институциите и граѓанскиот сектор.
„Одржувањето на кредибилни избори во април следната година значи дека има многу работа во меѓувреме, и потребно е не само политичките лидери во земјата, туку и институциите, медиумите, граѓанскиот сектор да се здружат, да работат заедно преку конструктивна работа за исполнување на таа цел. Мислам дека исто така треба да се истакне дека гласачите се многу битни за изборите, и тоа не само на денот кога ќе го дадат својот глас, туку и во сите други случаи кога им поставуваат барања на своите лидери, кога притискаат, да ги држат лидерите на патот на кој сакаат гласачите. Така што, ако сите овие актери се здружат, мислам дека договореното од Пржино може да се постигне“, вели Гарет во интервјуто за Радио Слободна Европа./крај/мф/бс
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.