Надворешна политика
Груевски по средбата со Бајден: САД се стратешки партнер на Македонија
Соединетите држави остануваат стратешки партнер кои со Македонија има потпишано Декларација за стратешко партнерство во 2008 година изјави премиерот Никола Груевски доцна ноќта во понеделникот по македонско време по средбата во Вашингтон со американскиот потпретседател Џозеф Бајден, на којашто било разговарано за повеќе теми, меѓу кои и политичкиот дијалог, реформите, економијата и економската соработка меѓу двете земји, како и за членството на Македонија во Европската унија и во НАТО.
„Со господин Бајден имавме одлична и пријателска средба. Од последното наше гледање (во 2011 година – з.р.) досега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи, и за предизвиците. Америка е наш партнер, ние имаме потпишано Декларација за стратешко партнерство во 2008 година и во многу работи имаме сериозна поддршка од САД во овој изминат период“, изјави за новинарите Груевски по средбата со американскиот потпретседател.
Истакна дека на средбата било разговарано за повеќе теми. „Зборувавме за политичкиот договор, за реформите во повеќе сфери, за економијата и економската соработка, за безбедносните предизвици, но зборувавме и за членството на Македонија во НАТО и во Европската унија“, рече Груевски.
Потенцираше дека и во иднина ќе продолжи соработката со САД, особено во однос на зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ, бидејќи „нивната поддршка во тој правец ќе биде многу значајна за земјата во иднина“.
Претходно во понеделникот во рамките на еднодневната посета на САД, Груевски во Вашингтон се сретна со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот, како и со Ален Берсин, помошник секретар за национална безбедност./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.