Надворешна политика
Груевски се сретна со европратеникот Кнут Фленкенштајн

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во петок оствари средба со европратеникот Кнут Фленкенштајн.
На средбата соговорниците разговараа за актуелните состојби во државата, одржувањето на изборите како и европските перспективи на Република Македонија.
„Единствен начин за излез од политичката криза е одржување на престојните избори на кој граѓаните ќе може да одлучат за сопствената иднина, базирано врз конкретна програма и проекти кои што ќе бидат понудени и се приоритет за ВМРО-ДПМНЕ“, порача Груевски.
Во однос на европските перспективи Груевски посочи дека за ВМРО-ДПМНЕ членството во Европската Унија е стратешки интерес и дека ќе се продолжи со напорите за придвижување на состојбите на тој план преку активна реализација на мерките и чекорите предвидени со акцискиот план. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бугарскиот амбасадор им се враќа на дипломатските должности во земјава

Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов им се враќа на своите дипломатски должности во земјава, потврдуваат од македонското МНР.
Ангелов денеска во Скопје пристигнал со бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој се сретна со македонскиот колега Оливер Спасовски, и практично како што велат надлежните, останува во земјава.
Бугарското МНР минатата недела го повика Ангелов на консултации во Софија поради, како што информираа оттаму, „сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на актите и злосторствата од омраза против нив во последните месеци, а по последнниот инцидент во кој беше нападнат секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков“.
Македонското Министерство за надворешни работи изрази жалење за потегот на Софија да го повика на консултации својот амбасадор оценувајќи го таквиот чекор како „неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален“.
Македонија
Маричиќ – Вархељ: Реформите и комплетираната преговарачка рамка се гаранција за членство на Македонија во ЕУ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељ, при што разговараа за задачите и обврските што ги имаме да ги завршиме оваа година поврзани со процесот на евроинтеграција.
Успешно и бргу да ги направиме реформите, било едно од барањата на еврокомесарот Вархељ и со политичкото обединување за евроинтегративниот процес и успешните уставни измени Македонија да ја загарантира европската перспектива.
На средбата еврокомесарот Вархељ ја потврди поддршката што Македонија ја има од европските партнери, која, според Маричиќ, треба да ја искористиме и да биде мотив да продолжиме со процесот на преговори подинамично и интензивно.
На средбата вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ го брифира еврокомесарот за текот на скринингот и подготовките за изработка на важните патокази, како и за изработката на приоритетниот реформски план.
„Имаме капацитет да го задржиме темпото на скрининг и да го искористиме овој дел од преговорите за да подготвиме темелен реформски план, кој за кратко време ќе ги исполни очекувањата и на ЕУ и на македонските граѓани“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ со еврокомесарот за проширување, Вархељ, зборуваше и за актуелните политички случувања и заедничкото справување со енергетската криза.
За односите со Бугарија беше констатирано дека разликите мора да се решаваат врз европските вредности, на европски начин, со меѓусебно почитување и во духот на добрососедските односи.
Македонија
Зајкова од Копенхаген: Автократските владите може да бидат закана за слободата и демократијата

Во 21 век постојат пратеници во Европскиот парламент, кои доаѓаат од редот на земји членки на Унијата, што негираат право на самоопределување и постоење, користејќи го правото на посилниот и тоа ги доведува во прашање принципот на демократијата и европските вредности. Демократските структури постојано се ослабуваат, а демократските процеси се сведуваат на владини процедури, плебисцити и работа за односи со јавноста. Способноста на демократската политика да се наметне против економската моќ е намалена, истакна претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, на панелот „Потенцијалот на трансформативните движења, граѓанското општество и прогресивните партии“ во Копенхаген како дел од конференцијата „Западен Балкан и ЕУ-предизвици и можности“, организирана во соработка со Советодавната група за политика на Балканот во Европа (BiEPAG), Европскиот фонд за Балканот (EFB) и трите клучни дански политички партии, Социјалдемократите, Либералната партија и Зелената левица.
Според Зајкова, мораме многу да бидеме претпазливи какви влади избираме бидејќи сведочиме како автократското владеење може да ги задуши слободите и правата и да нè однесе во изолација. Владите може да бидат закана за слободата.
„Затоа, кога зборуваме за улогата на влада, не смееме да заборавиме дека владата секогаш и суштински мора да биде во служба на поединецот, а не обратно. Целта на владата е да го спроведе законот за граѓаните преку обезбедување и заштита на правата на луѓето. Тоа го прави со зачувување на нивните животи и слободи од насилството на другите. Тоа е слобода од деспотската и предаторска доминација на некои поединци над другите, вели таа.
Зајкова истакна дека голите популисти промовираат култура на зависност и играат со емоциите на луѓето, нашата прогресивна политика мора да се фокусира на помагање на луѓето да го креираат својот свет со свои напори – во соработка со другите, да му дадат ново значење и да го вратат духот на заедницата. Игнорирањето на разликите не е решение, никогаш не било, но соочувањето со нив и обидот за нивно решавање заедно со другите играчи во општеството е.
„Способноста за соработка сè уште е главниот ресурс на модерната моќ и капацитетот за обликување на светот во кој живееме. Мора да се концентрираме на создавање и зајакнување кооперативни и инклузивни институции, искрени добрососедски односи и регионална и меѓународна соработка. Прогресивните движења, либералните и левите партии мора да се стремат кон обликување и користење на државните институции за развој на општествата и демократијата. Она што можеме да видиме е дека земјите од Западен Балкан покажуваат волја и спремност за прогрес и интеграција, но не често ЕУ јасно покажува отвореност за нивно целосно вклучување во соработката и системот на одлучување“, заклучува Зајкова.