Надворешна политика
Груевски – Вучиќ: Одличните политички односи се стабилна основа за наградба на економската соработка
Македонија и Србија имаат одлични политички односи, а истите претставуваат и основа за надградба на економските односи меѓу двете земји, согласни македонскиот премиер Никола Груевски и неговиот српски колега Александар Вучиќ, откако двете влади во понеделникот во Скопје одржаа заедничка седница.
„Одржувањето на втората заедничка седница во Скопје, по првата што се одржа во Белград, е уште една потврда за континуитетот и одлична соработка меѓу двете држави.
Македонија и Србија се пријателски земји, одличните политички односи даваат стабилна основа за понатамошна надградба на економската соработка, што претставува приоритет на двете влади. Подобро економско поврзување може да се оствари преку реализација на конкретни проекти и на инфраструктурно и енергетско поврзување. Двете земји континуирано ќе продолжат со активностите за зголемувањето на трговската размена. Уверени сме дека на евроинтегративниот пат, ние земјите од регионот треба заеднички и посветено да работиме, а исто така и во процесот на јакнење на дијалогот за затворање на отворените прашања од минатото, со почитување на принципите на меѓународното право и јакнење на добрососедството“, изјави Груевски.
Според српскиот премиер Вучиќ, двете земји имаат заеднички интереси во многу сфери, а во моментот остваруваат и многу заеднички проекти од областа на енергетиката и инфраструктурата.
„Во сите сфери најдовме можност за заеднички интереси, добро е за Македонија и Србија кога говориме за заедничките проекти како што се набавувањето на заеднички вакцини со што и двете земји ќе заштедат средства, потоа и околу тоа да се завршат прашањата за Коридорот 10. Од особено големо значење е што работиме на голем број проекти од областа на енергетиката. Многу го почитуваме тоа што се работи во Македонија и растот што Македонија го прави. Ние ја немаме таа можност да говориме дека овие земји се големи, а овие се мали и прифаќаме и учиме се од она што се случува во Македонија, не се срамиме од тоа и сме горди на тоа. Сите паметни луѓе учат од оние што мислат дека можат да научат и ние многу учиме од нашите македонски партнери и се надевам дека тие ќе имаат можност некогаш да научат нешто од нас“, изјави Вучиќ.
Министрите од двете земји по заедничката седница потпишаа и седум договори за унапредување на соработката во областите на економијата, туризмот, железничкиот сообраќај, образованието и науката, надоврешната трговија, животната средина и културата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.