Надворешна политика
Хан: Позитивна препорака за почеток на преговорите, но во зависност од имплементацијата на Пржинскиот договор

Европската комисија (ЕК) ја задржува позитивната препорака за Македонија за почеток на пристапните преговори за членство, но истата како и минатата година зависи од целосната имплементација на Пржинскиот договор, порача во средата еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан за време на презентацијата на извештаите за напредокот на земјите кандидати.
„Се уште не сме надвор од политичката криза, но сега постои вистинска шанса за да се реши кризата и останатите прашања, а земјата мора да спроведе кредибилни избори и да им се посвети на реформските приоритети. Комисијата ќе ја задржи препораката за почеток на преговорите, но во зависност од целосната импелентација на Пржинскиот договор“, изјави Хан.
Тој додаде дека земјата во изминатава година исто така одржала и значајна улога во мигрантската криза. Говорејќи и за остантите земји кандидати, Хан потенцираше дека додека минатата година новиот состав на Европската комисија под водство на претседателот Жан-Клод Јункер ја претставило новата стратегија во поглед на политиката на проширувањето, оваа година можат да се видат резултатите.
„Минатата година ја поставивме стратегијата на новата комисија а оваа година гледаме какви се резултатите, би сакал да потенцирам дека стратегијата за проширувањето дава резултати и е најдобриот инструмент за развојот на земјите од западен Балкан. Иако реформите не се движат со потребната брзина и повеќето земји се уште се соочуваат со потешкотии, сметаме дека ова е долготраен процес“, порача австрискиот еврокомесар./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР ќе испрати писмо до Европскиот парламент за навредите од бугарскот европратеник

Министерството за надворешни работи соопшти дека ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.
Исто така, МНР ги демантира наводите дека со Република Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев.
„ И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел од нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија.
Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки“ додаваат од МНР.
Од министерството велат дека на официјалната бугарска делегација предводена од вице-премиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, како искрен и последователен гест ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
МНР со жалење констатира дека радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава.
Македонија
Пиши-бриши понуда: Стојанов веќе не нуди 200 евра за името на полицаецот од „Деве Баир“, не одговара ниту за што му треба информацијата

Кај претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој нудеше 200 евра за тој што ќе му каже како се вика и презива еден од полицајците од граничниот премин „Деве Баир“ – ја нема објавата. На неговиот профил на „Фејсбук“, не може да се најде статусот на кој во црвен круг беше заокружен еден од полицајците на границата.
„Макфакс“ упати четири прашања до Стојанов кого го прашавме дали го дознал идентитетот на полицаецот, зошто му била потребна оваа информација, дали дал 200 евра за оваа информација, но и зошто го избришал статусот од социјалната мрежа „Фејсбук“. До моментот на објавување, не добивме одговор на ниту едно прашање.
Во медиумите и на социјалните мрежи, објавата на Стојанов беше протолкувана како закана за полицаецот. Имаше низа реакции во кои се бараше одговорност за барањето од Стојанов. Од бугарска страна, тој доби поддршка под објавата.
Стојанов и е познат на македонската јавноста откако не му беше дозволено во Македонија да внесе т.н. „бугарски книги“. Потоа, фондацијата со која раководи објави понуда со која дава по 30 евра на децата од Македонија за да учат бугарски јазик.
Македонија
Димитриевски: Бугарите ќе влезат во Уставот кога ќе има реципроцитет, кога мојата баба во Благоевград ќе може да биде Македонка

Бугарите ќе бидат запишани во Уставот без никаков проблем кога ќе има реципроцитет, кога мојата баба Бранка во Благоевград ќе може да биде Македонка, а не Бугарка. Ќе си најдете начин барем една декларација во Парламентот ќе донесете кадешто ќе го признаете Македонското малцинство“ изјави градоначалникот на Куманово, во гостувањето во емисијата „Говори сега“ на бугарската национална телевизија БНТ1 во Софија.
Димитриевски потенцираше дека Бугарите мора да признаат еден непобитен факт, а тоа е дека Македонецот постои и не може да велат дека Македонците настанале после 46-та година.
Во емисијата, тој посочи дека во периодот 1941-1944-та година Бугарија е составен дел на фашистичката коалиција и за тоа постојат документи, а официјална Бугарија никогаш не излегла со став и не се извинила.