Надворешна политика
Иванов: Аргументите се на наша страна во спорот со Грција
Коментирајќи ги последните изјави од Грција, македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за телевизијата Сител, рече дека Грците имаат чувство дека многумина веќе не им веруваат.
„Грците реагираат нервозно. Изјавата на Венизелос укажува дека Грците веќе имаат некој страв, имаат некое чувство дека многумина веќе не им веруваат. Тие во 1993 година ја убедија меѓународната заедница дека користењето на името Македонија е безбедносна закана за регионот, без никакви аргументи. Сега другите членки видоа дека аргументите се на наша страна, дека Грција со тоа што не блокира е таа што создава безбедносен проблем во регионот“, изјави Иванов во интервјуто за Сител, коментирајќи ги грчките реакции по неговиот настап на 69. Генерално собрание на Обединетите нации и пред Советот за безбедност.
Во однос на престојниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија, шефот на државата смета дека извештајот нема да биде негативен, но ќе има забелешки за политичкиот дијалог, институционалното функционирање и неколку други.
„После мојата посета на Брисел јас ги повикав на средба сите лидери на опозицијата, без присуство на медиуми за да лично да им ги пренесам пораките од Европа кои сега веројатно ќе бидат нотирани како негативни за Македонија. Тие од тогаш до денес немаат направено ништо по однос на мојата покана. Ниту некој од нив ме контактирал, нити побарал средба, нити пратил допис до Кабинетот“, изјави Иванов.
„Европската Унија се соочува со сериозни тешкотии внатре, ако ја погледнете нивната економија ќе ви стане јасно се. За пет години од сега не знаеме во каква форма ќе биде ЕУ, но она што јас постојано им го повторувам на сите меѓународни фактори и дека со затворањето на проширувањето, не само што кај граѓаните се зголемува разочараноста, туку се намалува и мотивирачката моќ за реформите кои треба да се спроведуваат“, порача македонскиот претседател./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.