Надворешна политика
Иванов – Мохамади: Договорот меѓу Иран и Советот за безбедност на ОН е чекор кон стабилизација
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во вторникот оствари средба со иранскиот амбасадор Саид Садег Мохамади, со кого разговараа околу постигнатиот договор на Иран со петте постојани членки на СБ на ОН и Германија за иранската нуклеарна програма, при што македонскиот претседател го поздрави истиот, оценувајќи го истиот како историски позитивен чекор за земјите од регионот на Блискиот Исток.
„Договорот помеѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија, претставува чекор кој треба да води кон стабилизација и поголема безбедност во регионот на Блискиот Исток“, истакна Иванов, и додаде дека целосната имплементацијата на истиот ќе придонесе долгогодишните тензии и санкции да се преточат во конкретна економска соработка и градење доверба.
„Со договорот за Иран, за една стара цивилизација, земја со богата култура и традиции, се отвора можноста за ново поглавје, повторно да биде активен член во меѓународната заедница и да придонесува за регионалната и меѓународната безбедност“, рече Иванов.
Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека унапредувањето на економската соработка и јакнењето на трговската размена меѓу Македонија и Иран, треба да биде приоритет на двете земји во наредниот период, воедно посочувајќи на потребата од унапредување на договорната и правна рамка.
Амбасадорот Мохамади посочи дека договорот гарантира дека иранската нуклеарна програма ќе биде исклучиво за мирољубиви цели и ќе биде во функција на зацврстување на регионалната и меѓународната безбедност.
Иранскиот амбасадор изрази задоволство од укинувањето на долгогодишните економски санкции и дипломатска изолација и истакна дека договорот отвора нова перспектива во соработката со светот, што позитивно ќе се одрази на јакнење на меѓусебната доверба.
Во разговорите, амбасадорот Мохамади го реафирмираше ставот дека Иран и во иднина ќе настојува на градење и развивање на билатералната соработка со Република Македонија во сите области од заемен интерес./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.