Надворешна политика
Иванов учествува на Форумот Кран Монтана
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од петок ќе престојува во работна посета на Кралството Мароко, по повод учеството на Форумот Кран Монтана, придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од петок ќе престојува во работна посета на Кралството Мароко, по повод учеството на Форумот Кран Монтана, придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески.
Предвидено е претседателот Иванов да се обрати на официјалната сесија на отворањето на Форумот Кран Монтана, што се одржува во градот Дакла. Главни теми на собирот се унапредувањето на дијалогот меѓу Африка, Магреб и Европа, политиката на соработка на Мароко, како и неопходноста од подобрување на климата за странски инвестиции и обезбедување на сигурни индустриски и финансиски партнери.
Во делегацијата се и претставници на десетина компании, членови на Стопанската комора на Македонија, на Сојузот на стопански комори на Македонија и на Стопанската комора на северозападна Македонија. Предвидено е, на иницијатива на претседателот Иванов, да се одржи презентација на инвестициските можности што ги нуди Македонија, како и средба на претставници на македонските стопански комори со претставници на марокански стопански комори.
Во рамки на работната посета на Кралството Мароко и учеството на Форумот Кран Монтана, сопругата на претседателот, Маја Иванова, ќе се обрати на специјална сесија на Форумот на африкански жени, чиј фокус годинава е имплементирање на родова еднаквост, жените во јавниот живот и во приватниот сектор и подобрување на образовниот систем за девојките.
Форумот Кран Монтана е основан во 1986 година со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, воедно обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност. Активностите и настаните во рамки на Форумот се насочени кон создавање платформи кои ќе им овозможат на политичките и бизнис лидери да ги имплементираат своите стратегии, да ги зајакнуваат партнерствата и да развиваат нови можности за соработка. Форумот тесно соработува со меѓународни институционални партнери, како агенциите на Обединетите нации, Европската унија, Советот на Европа, и др./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.