Надворешна политика
Иванов во ОН: Горд сум што успеавме да ја заштитиме националната безбедност
Горд сум што како Врховен Командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во својот говор на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации, говорејќи за мигрантската и бегалска криза.
„Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Спречувајќи ја илегалната миграција, Република Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа. Европа веќе се соочува со вториот, помасовен бран. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. Во наредните години и децении милиони мигранти ќе се обидуваат да дојдат на европскиот континент. Република Македонија ја спречува илегалната миграција која доаѓа од територијата на ЕУ. Унијата мора да изнајде начини и механизми да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци кои ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира“, рече претседателот Иванов. Од првиот ден на независноста, рече претседателот Иванов, се соочуваме со постојани и директни закани кои доаѓаат од територии на земји членки на ЕУ и НАТО, или земји под управа на Обединетите Нации. „Голем дел од нашите внатрешни ризици и опасности се последица на увезени кризи. Со исклучок на билатералната поддршка за која сме многу благодарни, Република Македонија сама се справува со кризите и со намалувањето на ризиците. Преземаме мерки и носиме одлуки за заштита на нашата, а со тоа и на европската територија. За тоа трпиме критика и закани преку блокирање на нашата интеграција. Неодлучноста на ЕУ да се справи со мигрантската криза ја загрози безбедноста на Република Македонија. Бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја распореди армијата на своите граници. Горд сум што како Врховен Командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија. Знам дека многумина во Европа се благодарни за она што Република Македонија го прави за нив. Некои се похрабри и признаваат, некои се помалку храбри, но верувам го почитуваат тоа“, рече претседателот Иванов во говорот на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации. Досегашниот однос кон мигрантите, оцени претседателот Иванов, во некои европски земји направија гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Ваквиот однос водеше кон изолационизам, отуѓување и плодна почва за радикализам, насилен екстремизам и тероризам, оцени претседателот Иванов во својот говор на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации. Друг клучен проблем со кој се соочува европскиот континент, според претседателот Иванов, е заканата од тероризам. „Од почетокот на овој милениум, ние сме во отворена борба со глобалниот тероризам. Република Македонија е дел од коалицијата што во изминатите 15 години уништи многу терористички ќелии, доби многу битки, но се уште не ја доби војната против тероризмот. На овој план се соочуваме со сериозен предизвик“, рече претседателот Иванов. „Ние не си имаме работа со организации, туку со движења за освојување територии, придвижени од идеи што надминува етнички, јазични и културни разлики. За да победиме во борбата против тероризмот, не се доволни воени трупи. Неопходно е борбата да ја водиме и со идеи. На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контра-радикализација“, рече претседателот Иванов во својот говор на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации. /крај/со/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.