Надворешна политика
Иванов: Засилен ангажман на шефовите на ДКП-ата за стратешките цели на Македонија
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во четвртокот оствари работна средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странство, во рамки на нивниот годишен работен состанок.
На средбата, прва во неговиот втор мандат, Иванов повика на проактивност и засилен ангажман на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва, во насока на реализација на поставените стратешки цели во надворешната политика, како што се евроатлантските интеграции, добрососедските односи, регионалната соработка, отвореноста кон сите со зајакнување на постоечките и создавање нови пријателства и партнерства, ангажман на мултилатерален план, економската и јавната дипломатија.
„Нашата дипломатија мора да биде во тек со промените во светот, а и самите знаете дека само во 2014 година бевме сведоци на тектонски поместувања на политичката сцена на глобално ниво”, истакна претседателот Иванов.
Клучна задача, според Иванов, ќе имаат амбасадорите во непосредното соседство.
„За следната година сметам дека клучна задача ќе имаат амбасадорите на нашата држава во непосредното соседство. Од нив очекувам зголемување на активностите за соработка. Нашиот регион излезе од мачното минато, почна период на градење доверба, но забавеното темпо на интеграциите создаде нова реалност и ново прекршување на интересите на Балканот. Во ваква ситуација, ние во регионот мора меѓусебно максимално да соработуваме во сите сфери од заеднички интерес”, рече Иванов.
„На сите регионални собири инсистирам дека дојде време кога декларативноста во регионалните односи мора да ја испратиме во историјата. Неопходна е нова етапа, со нови потреби, за конкретни проекти во регионалната соработка“, рече претседателот Иванов, дополнувајќи дека следната година планира реализација на негови официјални посети на Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Словенија, како и на размени на посети со Босна и Херцеговина и Бугарија. Иванов изрази надеж дека со новиот грчки претседател ќе има позитивно поместување во билатералните односи.
Иванов посочи дека членството на Македонија во Европската унија и во НАТО останува врвен приоритет.
„Иако не дојде до ефектуирање на препораката и добивање на датум за преговори, како и секогаш, наша заедничка задача е да продолжиме со несмалено темпо да работиме на евро-атлантската агенда на Република Македонија“, рече македонскиот претседател пред шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија.
Иванов од македонските дипломати побара максимална посветеност и на економската, јавната и културната дипломатија.
„Потребна е поголема заложба на македонската дипломатија во насока на обединување на дијаспората и надминување на проблемите со кои се соочуваат”, рече македонскиот претседател пред дипломатите.
Иванов побара посебно внимание и ангажман да биде посветен и на положбата на македонското национално малцинство во одредени земји каде истото е во незавидна положба./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.