Надворешна политика
Ји: Македонија и Грција можат да дојдат до решение со помош на Нимиц
Американскиот заменик помошник државен секретар, Хојт Брајан Ји смета дека Македонија и Грција можат да изнајдат заемноприфатливо решение за спорот за името, секако со помош на медијаторот во ОН, Метју Нимиц.
Двете страни во среда во Њујорк ги продолжуваат преговорите под посредство на Нимиц, во обид да се одблокираат македонските евро и евроатлански интеграции.
„Комплетно се согласувам дека за Западен Балкан, за Европа, а пред сѐ за Македонија е значајно да се најде решение за проблемот со името, по што земјата ќе може да се приклучи кон Европската Унија и НАТО. Но, не е сѐ во рацете на едната или другата страна. На двете страни останува да ја најдат потребната флексибилност и политичка волја за да се постигне компромис. Уште еднаш ќе кажам: со асистенцијата на амбасадорот Нимиц, кој има задача од Обединетите нации, веруваме дека решението е можно и ние ќе го поддржуваме колку што можеме“, изјавил Хојт Брајан Ји за Deutsche Welle.
Тој додал дека САД ги поддржуваат аспирациите на Македонија за интеграција во НАТО и ЕУ.
„Верувам дека ако има добра волја на обете страни е возможно да се најде решение за сите предизвици и да се надминат сите пречки. На ова Македонија мора да работи со добри преговарачи, заедно со Нимиц. Ние правиме сѐ што можеме да ги охрабриме и двете страни да го поддржат амбасадорот Нимиц да дојде до решение. Но, навистина, тоа зависи од двата главни града – да изнајдат политичка волја и флексибилност, да постигнат заедничко решение“, нагласил Ји за Deutsche Welle./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.