Надворешна политика
Јолевски – Котромановиќ: Хрватска и Македонија имаат одлична соработка во одбраната
Хрватска продолжува со целосната поддршка за членство на Македонија во Алијансата и во Европската унија, а за ова Македонија е целосно подготвена и ги заврши потребните одбранбени процеси, заклучија македонскиот министер за одбрана на Зоран Јолевски и неговиот хрватски колега, Анте Котромановиќ во понеделникот на средбата во Скопје.
Јолевски по средбата на двете делегации истакна дека соработката меѓу двете земји во областа на одбраната е одлична и дека е пример за нивото на билатерална и регионална соработка. „Доказ за ова се потпишаните два документи: Меморандум за разбирање меѓу Министерствата за одбрана на Република Македонија и Република Хрватска за размена на експерти, и Техничкиот аранжман меѓу министерствата за одбрана на Македонија и Хрватска во областа на воено-техничката соработка“, посочи Јолевски.
Со Договорот за воено-техничка соработка се овозможи експерти на вооружените сили на Хрватска да извршат баждарење на мерните инструменти на хеликоптерите на АРМ и технички преглед, а хрватските пилоти одредено време да можат да ги користат симулаторите во Центарот за обука на пилоти во Македонија. Со овој договор, техничкото одржување, кое чини околу 40 илјади евра, е платено со користењето на симулаторите во Центарот.
Хрватскиот министер Котромановиќ уште еднаш ја потврди поддршката за членство на Македонија во НАТО и додаде дека билатералните односи се особено развиени.
„Тука сум за да посочам две работи – нашите билатерални односи се одлични, и затоа сме подготвени за уште поголем развој на воено-техничката соработка. Воедно сакам да ја потврдам дека Хрватска е голем поддржувач за членство на Македонија во НАТО, нешто што требаше да се случи пред повеќе години“, рече Котромановиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.