Надворешна политика
Јолевски се сретна со командантот на КФОР, Франческо Фиљуоло
Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот (ГШ) на Армијата на Република Македонија (АРМ) генерал-потполковник Горанчо Котески, во четвртокот остварија одделни средби со командантот на КФОР генерал-мајор Франческо Паоло Фиљуоло кој престојуваше во официјална посета на ГШ на АРМ.
Јолевски за време на средбата со командантот на КФОР, Фиљуоло, ја истакна поддршка на Македонија за мисијата КФОР на НАТО, како и за улогата на Македонија во однос на безбедноста и стабилноста на регионот.
На средбата со генералот Котески се разговараше за можностите за унапредување на соработката со силите на КФОР, за безбедносната состојба во регионот, како и размена на информации со АРМ. Генералот Фиљуоло го информираше началникот на ГШ на АРМ за безбедносната состојба во зоната на одговорност на КФОР, како и за активностите и идните планови.
На двете средби е заклучено дека АРМ и силите на КФОР имаат воспоставено одлична соработката и дека во наредниот период таа ќе продолжи да се развива во интерес на јакнење на безбедноста во регионот.
Во рамките на мисијата КФОР, Македонија обезбедува постојана логистичка поддршка за НАТО од самиот почеток. Како што е познато, во јуни 2007 година, во целосна оперативна готовност беше ставен Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во формацискиот состав на Бригадата за логистичка поддршка на АРМ.
Негова основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР. Ваквиот придонес на Македонија е значајно валоризиран и поддржан од страна на НАТО.
Меѓународните мировни сили, КФОР под команда на НАТО, Командата на здружените сили во Неапол, Италија, дејствуваат во Косово од јуни 1999 година, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Според Резолуцијата, КФОР со волонтерски трупи од нешто над 4.000 војници се грижат за безбедноста во Косово./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.