Надворешна политика
Јолевски: Заедничкото учество во ИСАФ придонесе за подобра регионална соработка
На вториот панел во рамки на Сеопфатниот регионален министерски состанок кој се одржа во средата во Будва, министерот за одбрана Зоран Јолевски во своето обраќање се осврна идната можна соработка на земјите од САД-Јадранската повелба во НАТО мисиите, по завршувањето на мисијата ИСАФ во Авганистан.
„Сите земји кои придонесуваат во ИСАФ, сме горди на нашите војници, на нивната посветеност, големиот ангажман и жртва која ја дадоа за подобра иднина на Авганистан и авганистанскиот народ. Присуството на нашите војници во Авганистан во рамки на мисијата ИСАФ претставува голем национален и регионален придонес во поддршка на авганистанските власти во изградбата на демократско, безбедно и просперитетно општество“, рече министерот Јолевски.
„Досегашниот заеднички придонес во ИСАФ се покажа и докажа како вистински начин за унапредување на регионалната соработка, интензивирање на пријателството помеѓу земјите во регионот и бенефит за сите учесници. Заедничкото учество во ИСАФ даде значаен придонес и кон заедничките обуки пред распоредувањето во Авганистан. Оваа пракса беше многу корисна и истата би требало да продолжи преку организирање на заеднички вежби која ќе биде од голема корист за сите земји“, додаде Јолевски.
Во рамки на вчерашните состаноци беше потпишана и заедничката изјава на министрите од А-5 во која се истакнува силната поддршка за што поскоро членство на Македонија во НАТО, продолжување на соработката во сојузничките операции и мисии, унапредување на регионалната соработка на полето на справување со катастрофи и продолжување на работата во духот на концептот Паметна одбрана.
Јолевски во средата оствари средби и со заменик помошникот на секретарот за одбрана на САД, Евелин Фаркаш, при што беа разменети мислења за новата безбедносна закана која доаѓа од исток под името ИСИЛ, како и со директорот на Центарот за безбедносна соработка, RACVIAC, Бранимир Мандиќ на која се разговараше за идните проекти на овој Центар и продолжување и интензивирање на соработката со Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.