Надворешна политика
Орбан: Македонија, како и Унгарија, заслужува место во ЕУ и НАТО

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во петокот, заедно со партиска делегација во чиј состав се Никола Попоски, Александар Николоски и Владимир Ѓорчев, во Будимпешта оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбам, со кого ги потврдија одличните и пријателски односи, како и добрата билатерална соработка помеѓу двете држави.
Беше разговарано и за предизвиците со кој се соочува Република Македонија поврзани со политичката криза како и плановите по одржувањето на престојните избори и искористување на капацитетите за соработка како на планот на политиката, така и во економската сфера.
Груевски истакна дека Унгарија е пријателска држава и сојузник на Република Македонија, држава со која изградивме многу високо ниво на односи и заедничка доверба и соработка.
Груевски посочи дека Република Македонија може да смета на поддршката на Република Унгарија во поглед на нејзините стратешки интереси за членството во Европската Унија и НАТО. „Македонија може и понатаму да смета на поддршката и пријателството на Унгарија. Со премиерот Орбан разменивме мислење околу перспективите на Република Македонија за членството во НАТО и ЕУ. Ние по изборите ќе продолжиме со напорите земјата што побрзо да се приклучи кон овие организации“, изјави Груевски.
На средбата стана збор и за актуелните предизвици врзани со политичката криза во државата и нејзиното надминување при што клучен момент се престојните избори.
„Ние сме политичка гарнитура која е силно посветена за подигнување на животниот стандард на граѓаните, отворање на нови работни места, привлекување на инвестиции и давање на нови перспективи и можности на нашите граѓани. Политичката криза треба да заврши што поскоро, а изборите се најдобрата можност за тоа, и потоа заедно со помошта на нашите пријатели да се фокусираме на понатамошниот развој и напредок на Република Македонија“, изјави Груевски.
Премиерот на Унгарија, Орбан ги потврди одличните односи меѓу двете земји и истакна дека Република Македонија може да смета на поддршката на Унгарија. Тој истакна дека развивањето на односите е резултат на заложбата за пријателство на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Имав средба со Никола Груевски со кого имаме долгогодишна соработка. За време на неговото премиерување македонско унгарските односи достигнаа исклучително високо ниво. Меѓу двете држави изградивме вистинско пријателство и заслугата за тоа е на господинот Груевски. Ова пријателство се темели на принципи. И Република Унгарија и Република Македонија имаат свое место во Европската Унија и НАТО. Посакуваме на нашите македонски пријатели да се зачленaт во овие организации што поскоро. Нашата соработка е успешна и ние ги поддржуваме аспирациите на Република Македонија за ЕУ и НАТО”, истакна премиерот Орбан.
Орбан посочи дека Унгарија со сите можни средства ќе ги поддржува интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО и таквата поддршка ќе продолжи и по изборите на кој ќе одлучуваат македонските граѓани.
„Следуваат избори на кој ќе одлучува македонскиот народ, сакам да потенцирам една работа со сигурност Македонија која има иднина во НАТО и ЕУ секогаш ќе може да смета на поддршката од Унгарија и ќе помогнеме со сите можни средства да стигнете до вашата цел“, изјави Орбан./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бугарскиот амбасадор им се враќа на дипломатските должности во земјава

Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов им се враќа на своите дипломатски должности во земјава, потврдуваат од македонското МНР.
Ангелов денеска во Скопје пристигнал со бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој се сретна со македонскиот колега Оливер Спасовски, и практично како што велат надлежните, останува во земјава.
Бугарското МНР минатата недела го повика Ангелов на консултации во Софија поради, како што информираа оттаму, „сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на актите и злосторствата од омраза против нив во последните месеци, а по последнниот инцидент во кој беше нападнат секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков“.
Македонското Министерство за надворешни работи изрази жалење за потегот на Софија да го повика на консултации својот амбасадор оценувајќи го таквиот чекор како „неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален“.
Македонија
Маричиќ – Вархељ: Реформите и комплетираната преговарачка рамка се гаранција за членство на Македонија во ЕУ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељ, при што разговараа за задачите и обврските што ги имаме да ги завршиме оваа година поврзани со процесот на евроинтеграција.
Успешно и бргу да ги направиме реформите, било едно од барањата на еврокомесарот Вархељ и со политичкото обединување за евроинтегративниот процес и успешните уставни измени Македонија да ја загарантира европската перспектива.
На средбата еврокомесарот Вархељ ја потврди поддршката што Македонија ја има од европските партнери, која, според Маричиќ, треба да ја искористиме и да биде мотив да продолжиме со процесот на преговори подинамично и интензивно.
На средбата вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ го брифира еврокомесарот за текот на скринингот и подготовките за изработка на важните патокази, како и за изработката на приоритетниот реформски план.
„Имаме капацитет да го задржиме темпото на скрининг и да го искористиме овој дел од преговорите за да подготвиме темелен реформски план, кој за кратко време ќе ги исполни очекувањата и на ЕУ и на македонските граѓани“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ со еврокомесарот за проширување, Вархељ, зборуваше и за актуелните политички случувања и заедничкото справување со енергетската криза.
За односите со Бугарија беше констатирано дека разликите мора да се решаваат врз европските вредности, на европски начин, со меѓусебно почитување и во духот на добрососедските односи.
Македонија
Зајкова од Копенхаген: Автократските владите може да бидат закана за слободата и демократијата

Во 21 век постојат пратеници во Европскиот парламент, кои доаѓаат од редот на земји членки на Унијата, што негираат право на самоопределување и постоење, користејќи го правото на посилниот и тоа ги доведува во прашање принципот на демократијата и европските вредности. Демократските структури постојано се ослабуваат, а демократските процеси се сведуваат на владини процедури, плебисцити и работа за односи со јавноста. Способноста на демократската политика да се наметне против економската моќ е намалена, истакна претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, на панелот „Потенцијалот на трансформативните движења, граѓанското општество и прогресивните партии“ во Копенхаген како дел од конференцијата „Западен Балкан и ЕУ-предизвици и можности“, организирана во соработка со Советодавната група за политика на Балканот во Европа (BiEPAG), Европскиот фонд за Балканот (EFB) и трите клучни дански политички партии, Социјалдемократите, Либералната партија и Зелената левица.
Според Зајкова, мораме многу да бидеме претпазливи какви влади избираме бидејќи сведочиме како автократското владеење може да ги задуши слободите и правата и да нè однесе во изолација. Владите може да бидат закана за слободата.
„Затоа, кога зборуваме за улогата на влада, не смееме да заборавиме дека владата секогаш и суштински мора да биде во служба на поединецот, а не обратно. Целта на владата е да го спроведе законот за граѓаните преку обезбедување и заштита на правата на луѓето. Тоа го прави со зачувување на нивните животи и слободи од насилството на другите. Тоа е слобода од деспотската и предаторска доминација на некои поединци над другите, вели таа.
Зајкова истакна дека голите популисти промовираат култура на зависност и играат со емоциите на луѓето, нашата прогресивна политика мора да се фокусира на помагање на луѓето да го креираат својот свет со свои напори – во соработка со другите, да му дадат ново значење и да го вратат духот на заедницата. Игнорирањето на разликите не е решение, никогаш не било, но соочувањето со нив и обидот за нивно решавање заедно со другите играчи во општеството е.
„Способноста за соработка сè уште е главниот ресурс на модерната моќ и капацитетот за обликување на светот во кој живееме. Мора да се концентрираме на создавање и зајакнување кооперативни и инклузивни институции, искрени добрососедски односи и регионална и меѓународна соработка. Прогресивните движења, либералните и левите партии мора да се стремат кон обликување и користење на државните институции за развој на општествата и демократијата. Она што можеме да видиме е дека земјите од Западен Балкан покажуваат волја и спремност за прогрес и интеграција, но не често ЕУ јасно покажува отвореност за нивно целосно вклучување во соработката и системот на одлучување“, заклучува Зајкова.