Надворешна политика
Попоски – Дачиќ: Главната цел на Македонија и Србија останува членството во ЕУ
Македонија и Србија се пријателски земји, во чиј заеднички интерес е меѓусебните односи да бидат уште подобри и двете земји да станат дел од Европската унија (ЕУ), порачаа шефовите на македонската и српската дипломатија, Никола Попоски и Ивица Дачиќ, по средбата во понеделникот во Скопје.
Покрај политичката, двете земји имаат и одлична економска соработка, а новитет е потпишувањето на спогодбата за делење на ресурсите и заедничкото користење на дипломатско конзуларните претставништва, што ќе претставува рационализирање на трошоците во услови на финансиска криза.
Попоски порача дека двете земји и во иднина можат да имаат доста плодна соработка во поглед на билатералниот, регионалниот и мултилатераниот дел.
„Двете земји се кандидати за членство во ЕУ, Србија веќе преговара, Македонија подолг временски период не може тоа да го оствари но дефинитивно сите поглавја кои се однесуваат на европските интеграции ние ги унапредуваме и вршиме реформи, можеме да имаме доста плодна соработка. Имавме можност да потпишеме спогодба за делење на ресурсите и користење на дипломатско конзуларни претставништва на двете земји во средства и сметаме дека тоа е дополнителен чекор и во делот на финансиите и во делот на рационализирањето на ресурсите кои се неопходно во услови на финансиска криза“, изјави Попоски.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ смета дека двете земји треба што поскоро да станат дел од ЕУ.
„Србија и Македонија се пријателски земји, во наш интерес е нашите односи да бидат што подобри, Србија ја поддржува европската иднина на Македонија и сметаме дека овој регион со години и децении е неправедно потценуван во однос на други делови на Европа и заслужува што поскоро да влезе во ЕУ“, смета Дачиќ.
Запрашани за тоа дали двете земји ќе го средат примерот и надворешната политика на ЕУ во поглед на санкциите кон Русија, двајцата министри со став дека земјите кандидати треба да ја усогласат својата политика со онаа на ЕУ, но дека сепак овие обврски се многу поголеми кога се работи за земјите членки на Унијата.
„Секако дека земјите кои се кандидати имаат обврска да ја усогласат својата надворешна политика со надворешната политика на ЕУ, тоа е дел од преговарачкиот процес. Тој преговарачки процес ќе ги интегрира и Србија и Македонија, Србија веќе започна со преговорите, Македонија се уште не, но потребно е да започнат разговорите со ЕУ за ние воопшто да дојдеме до тие обврски целосно да ја усогласиме нашата надворешна политика. За ова говорев со мојот колега Попоски и во Берлин, ние ќе ја одржуваме нашата политика но ќе водиме и сметка за нашите економски интереси. Украина начелно се придружи кон санкциите на ЕУ кон Русија но не ги примени, а Русија пак, кога ги воведе контра санкциите кон земјите од ЕУ за земјоделството, не ги воведе против Украина. Тие можат да војуваат и да тргуваат, а сега ние сите треба да плаќаме за тоа. ЕУ има своја политика, ние не сме членови на ЕУ, јас би сакал да сме, а кога ќе бидеме членки на ЕУ тогаш ќе имаме обврски и целосно да ја усогласиме нашата надворешната политика“, изјави српскиот министер.
Македонија е кандидат подолг временски период и ги усогласува своите позиции со оние на ЕУ, но во однос на меѓународното право, има еден факт кој во моментов за Македонија го усложнува тој однос, смета Попоски.
„Ние сме земја кандидат за членство во ЕУ подолг временски период и вклучително во надворешната политика се усогласуваме со ставовите на ЕУ. Тоа што е клучна разлика е тоа што тие што се дел од ЕУ учествуваат во креирањето на таа политика а тие што се надвор имаат можност да учествуваат во нивното спроведување. Тука говориме за примена на меѓународно право, односно на усогласување на меѓународноправните и политички позиции на Македонија во однос на ЕУ, но не треба да заборавиме и еден факт кој малку го комплицира тој однос. Повеќето земји членки на ЕУ се и земји членки на НАТО, а знаеме дека во НАТО и ЕУ има една земја која сериозно го има прекршено меѓународното право а тоа го има констатирано и Меѓународниот суд на правдата и тоа сериозно го проблематизира барањето и аргументирањето кон Македонија за примена на меѓународното право, што е наша основна позиција и главен столб на нашата надворешна политика, почитување на меѓународното право од сите и за сите“, порача Попоски./крај/мф/бс
Извор: Фото/МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.