Надворешна политика
Попоски: Македонија размислува за ограда за спречување на приливот на мигранти

Македонија размислува за изградба на оградба, слична на онаа која што ја гради Унгарија, во обид да го сопре растечкиот број на мигранти кои доаѓаат од југ, изјавил шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во четвртокот, пренесува Reuters.
Во интерву за унгарскиот бизнис неделник Figyelo, Попоски рекол дека на Македонија најверојатно ќе и треба „некаков вид на физичка бариера“, но дека сепак ова не би било и долгорочно решение.
Западноевропските земји како Франција и Германија ја критикуваа Унгарија поради изградбата на 175 километри долгата ограда на границата со Србија, со која мигрантите се насочуваат само на граничните премини каде што можат да бидат регистрирани, додава Reuters.
Преку 160 илјади мигранти влегле во Унгарија од југот оваа година, поминувајќи низ Грција, Македонија и Србија, од воените зони и сиромашните земји во Блискиот Исток, Азија и Африка. Речиси сите сакаат да стигнат до богатите западни и северни европски земји како Германија и Шведска.
Попоски додал дека Македонија го прави најдоброто што може при регистрацијата на мигрантите.
„Но секогаш кога се обидуваме сериозно да го направиме она што европските партнери го бараат од нас, да ја контролираме границата и да ги сопреме луѓето, веднаш добиваме негативна меѓународна реакција“, рекол Попоски./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пендаровски и Ван дер Белен на економски форум-Меѓу нас нема отворени прашања, туку само отворени можности

Претседателот Стево Пендаровски и австрискиот претседател Александер Ван дер Белен, во рамки на неговата официјална посета на дражавата денеска се обратија на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“.
„Ние не само што немаме отворени прашања меѓу нас, туку наидуваме на постојана, силна и принципиелна австриска поддршка на нашите европски интеграции и стратешки интереси. Имајќи ги предвид одличните билатерални односи, изградената доверба и исклучително плодната економска соработка, клучните прашања и констатации на кои сакам да се осврнам се: која треба да биде основната цел на овој македонско-австриски деловен форум, во услови кога Австрија е веќе најголемиот инвеститор во Северна Македонија?“, истакна Пендаровски.
Според шефот на државата, трговската размена меѓу Северна Македонија и Австрија е сè уште мала ако се имаат предвид квалитетот на билатералните односи, бројот на австриски компании на македонскиот пазар и потенцијалот за развој на двете страни. Тоа зборува дека можностите за соработка не се доволно искористени, особено во сферата на земјоделството и прехранбената индустрија.
Втората причина, како што рече, е фактот дека Европа и светот минуваат низ клучен период.
„Нема земја што не е погодена од геополитичките ризици, енергетската криза, ценовните шокови и од инфлацијата“, подвлече Пендаровски.
Оценува дека за Австрија да продолжи да биде број еден инвеститор во Северна Македонија, не само во наредните неколку години туку и во наредните децении, нужно е да се отворат нови перспективи во економската соработка.
„Меѓу Северна Македонија и Австрија нема отворени прашања, туку само отворени можности. Се надевам дека овој форум ќе биде потврда на досегашната квалитетна соработка, но и почеток на нова фаза на соработката помеѓу компаниите од двете земји. Наредната 2024-та ќе одбележиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две пријателски држави. Во пресрет на тој значаен јубилеј, ве повикувам да ја искористите стекнатата доверба и да ја продлабочите соработката“, порача Пендаровски.
Ви благодарам.
Македонија
Џафери-Белен: Австрија има цврст став за местото на Северна Македонија во ЕУ кое е одамна заслужено

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Република Австрија, Александар ван дер Белен, кој во придружба на австриската министерка за правда и 23-члена бизнис делегација, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. Џафери се осврна на исклучително добрите билатерални односи, интензивната соработка на парламентарен план и традиционално силна трговија која ја позиционира Австрија како прв инвеститор во земјава. Тој го запозна високиот гостин со актуелната политичка состојба, особено на евроинтеграциски план, со следните активности во процесот на скрининг и следната фаза на пристапување кон ЕУ, со предизвиците кои стојат пред државата на внатрешен план во однос на процесот на уставни измени, како и на надворешно-политички план, како земја-членка на НАТО и аспирант кон ЕУ.
Ги истакна претседавањето со ОБСЕ и парламентарната димензија на ПСЈИЕ како клучни меѓународни активности на државата, кои ќе придонесат кон јакнење на нејзиното место во надворешната политика како кредибилен партнер и земја чии државни приоритети се регионалната соработка и безбедност, високата солидарност со украинскиот народ, следење на безбедносните политики на ЕУ и придржување кон ЕУ и НАТО политиките во однос на војната во Украина. Ја поздрави одличната економска соработка меѓу двете држави, како и динамичната соработка меѓу двата парламента, преку групите за соработка, комисиите и други парламентарни проекти. Изрази очекување за натамошна поддршка на пријателска Австрија на мултилатерален и билатерален план.
Претседателот Александер ван дер Белен, се заблагодари на можноста за средба и за обраќање пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и го истакна високото мислење за Република Северна Македонија за претседавањето со ОБСЕ, за кое изрази благодарност што истото се одвива во овие исклучително тешки времиња кога ОБСЕ е без Русија, а војната беснее на европско тло. Ја повтори натамошната цврста поддршка на Австрија на евроинтеграцискиот пат на земјите од целиот Западен Балкан и подвлече дека Австрија има цврст став за местото на Република Северна Македонија во ЕУ кое е одамна заслужено. Токму поради тоа, Австрија смета и укажува на своите ЕУ партнери дека не смее да се дозволи одредени актуелни безбедносни предизвици да го земаат приоритетот на проширувањето на Република Северна Македонија и другите држави-аспиранти од овој регион.
Во однос на економската соработка, ван дер Белен, поучен од историјата на традиционално позитивни и продуктивни односи на Австрија со земјите од регионот на Балканот, поентираше дека Австрија никогаш не била заинтересирана за брз профит, туку за долгорочни инвестиции што овозможуваат трајни вредности и највисоко место меѓу другите инвеститори.
Соговорниците разменија мислења за натамошно унапредување на соработката меѓу двата парламента како важен и вокален дел на целокупната билатерална соработка, натамошни активности на групите за пријателство и соработка и користењето на сите предности на парламентарната дипломатија, како алатка за градење на цврсти врски на билатерален и мултилатерален план.
Македонија
Ковачевски – Столтенберг: Обединети и силни заедно во НАТО, Македонија е фактор на стабилност

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, попладнево имаше телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Разговарано е за повеќе актуелни прашања од важност за регионот и во геополитички контекст.
Истакнато е силното единството на државите сојузнички во Алијансата, во функција на мирот, по предизвиците од бруталната воената агресија на Русија врз Украина.
При тоа е поздравена ефективната поставеност на Република Северна Македонија на линија на поставеноста на НАТО партнерите и на заедничката и надворешна безбедносна политика на ЕУ, како и обезбедувањето на потребната поддршка за Украина.
Во разговорот е посочено и на важноста од заеднички пристап во справувањето со хибридните закани и дезинформациите како предизвици по стабилноста и безбедноста.
За аспектите на прашањата за коишто разговараа денеска премиерот Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, како што е посочено, се очекува да се разговара и на престојниот јулски Самит на НАТО во Вилнус, Литванија.