Македонија
Попоски: Притисокот од мигрантскиот бран не е исчезнат, туку само привремено решен
Вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, во четвртокот учествуваше на меѓународната конференција за миграции во Виена, а во рамките на која имаше обраќање на панел на високо политичко ниво „Европски политики за мигранти и бегалци – Што потоа”.
„Постои стравување во европски рамки дека може да се повтори 2015-та година со масовни хаотични миграциски движења. Тоа може да доведе до низа еднострани одлуки од земјите членки на ЕУ. Во крајна линија и суспензии на слободата на движење. Во година кога неколку членки имаат избори ризиците од политизација се многу поголеми“, изјави Попоски.
„Сегашниот ред е резултат на контролите што се воведоа за спречување нелегални премини и на Договорот ЕУ-Турција. Едно е јасно, притисокот не е исчезнат туку само се изнајдени привремени решенија”, истакна тој, посочувајќи дека во Виена најголем дел од разговорите биле за тоа што може дополнително да се направи во овој период на затишје.
На панелот учествуваа и МНР на Австрија, Себастијан Курц, Генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, Еврокомесарот Јоханес Хан, Потпретседателот на Владата и МНР на Малта Џорџ Вела – со кои на маргините на конференцијата, МНР Попоски оствари билатерални средби.
На средбите се разговараше за билатералните односи, набљудувачката мисија на изборниот процес во Република Македонија, Извештајот на Европската Комисија и неопходноста да се промени пристапот на повторени препораки без процес на преговори за членство.
„Последното е неопходно да биде поддржано од сите кои и мислат добро на Унијата и се грижат за нејзиниот публицитет”, порача македонскиот министер./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
СДСМ има решение: Наместо луксуз на власта – 600 евра плати за работниците и поддршка за компаниите
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче понуди јасно, конкретно и остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра преку ребаланс на буџетот. Нема простор за изговори на власта: пари во буџетот има, но тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги трошат за луксуз и криминални тендери“, велат од СДСМ.
„За зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Само со рационално кратење на трошоците во две буџетски категории може целосно да се обезбедат потребните средства.
Кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, патувања, репрезентации, договорни услуги, возила, мебел и комфор на функционерите, може да се обезбедат меѓу 90 и 130 милиони евра.
Со кратење на делот „разни трансфери“ може да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
Со кратење само во овие две категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра.
Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите, со што компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, соопшти СДСМ.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.

