Надворешна политика
Со програмата ИПА 2, Македонија од ЕУ на располагање ќе добие 664,2 милиони евра
Во рамки на Панелот „Во пресрет на ИПА 2 – Перспективи и можности за Република Македонија“, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими во понеделникот пред пратениците ја презентираше ИПА 2, претпристапната помош од ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година.
Бесими истакна дека Инструментот за претпристапна помош 2014-2020 или познат како ИПА 2, е цврст доказ за партнерството и силната поддршка која Македонија ја добива од страна на Европската унија.
„Зголемувањето на поддршката за ИПА 2 во поглед на ИПА 1 е уште еден аргумент за истата. Доколку ИПА 1 (2007-2013) изнесуваше 614,5 милиони евра, вклучувајќи ја и пограничната соработка, ИПА 2 за Република Македонија изнесува 664,2 милиони евра, а во рамки на прекуграничната соработка дополнителни средства ќе се користат од регионалниот фонд за развој на ЕУ“, истакна Бесими.
Во изминатиот период Владата на Република Македонија и државните институции активно работеа во насока на креирање на Националниот стратешки документ ИПА 2, а со цел постигнување на поголема инклузивност и транспарентност на процесот во креирањето на Националниот стратешки документ беше вклучен и граѓанскиот сектор.
Со овој инструмент на Македонија ќе и бидат на располагање вкупно 664,2 милиони евра за реализација на конкретни и стратешки приоритети од повеќе области меѓу кои демократија и владеење, владеење на правото и човекови права, животна средина и климатски акции, транспорт, конкурентност и иновации, образование, вработување и социјални политики, хоризонтални механизми за меѓу-институционална соработка, земјоделство и рурален развој.
Во рамки на приоритетот демократија и владеење во следните седум години ќе бидат алоцирани 122,9 милиони евра, за владеење на правото и човековите права 83 милиони евра, за животна средина и климатски акции 112,9 милиони евра, за транспорт 112,9 милиони евра, за конкурентност и иновации 73 милиони евра, за образование, вработување и социјални политики 53 милиони евра и 106,3 за земјоделство и рурален развој.
Бесими истакна дека од страна на Секретаријатот за европски прашања во насока на постигнување на што поголема транспарентност и инклузивност во наредниот период ќе се посвети особено внимание во делот на координирана комуникација со институциите, единиците на локална самоуправа, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и широката јавност во насока на поголема искористеност на европските фондови./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.