Надворешна политика
Вељаноски: Последните случувања потсетуваат на потребата за брз прием во НАТО
Македонија пред една недела се соочи и успешно надмина еден од поголемите безбедносни предизвици, кој на драматичен начин потсети дека земјата треба што поскоро да стане дел од НАТО, изјави претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во понеделникот за време на своето обраќање на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Будимпешта.
„Бевме сведоци на професионално изведена полициска акција која разби терористичка група од повеќе од 40 луѓе, организирани да ѝ нанесат штета на Македонија, но и на регионот. Оваа акција, за жал, резултираше со загуба на осум припадници на безбедносните сили, додека 37 од нив беа ранети. Како народ кој сé уште е во жалење за огромната загуба, уште еднаш на ваков драматичен начин сме потсетени за потребата од наша поскорешна интеграција во НАТО. Долгогодишниот статус-кво создава простор за најразлични обиди за дестабилизација и затоа е потребно итно да се изнајдат начини да ѝ се овозможи напредок на Македонија во евроатлантските интеграции. Сега, повеќе од кога и да е, особено е важно да се врати чувството на сигурност и на безбедност на граѓаните“, порача Вељаноски.
Собранискиот спикер потенцираше дека Македонија изминатите години неуморно се обидува да најде решение за спорот со името и верува дека на крајот разумот ќе надвладее и дека ова прашање ќе биде надминато.
„Стрпливо разговараме и укажуваме дека во нашето име, нашите соседи не може да најдат основа за каков и да е проблем по нивната стабилност, безбедност или, пак, некакви територијални претензии. Оттаму, иако никакво решение не е на повидок, сé уште веруваме дека разумот ќе надвладее и дека овој спор ќе биде надминат. Впрочем, пресудата од Хаг со која јасно беше кажано дека нашата држава во спорот со Грција е сосема во право, ни го дава целото право да го браниме она што е наше и она во што веруваме. Како држава сме неуморно ангажирани во насока на придвижување на овој процес во меѓународните институции. Нашиот став по прашањето за името е јасен“, рече првиот човек на македонскиот парламент.
„Нема промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќаме идеи и предлози кои го загрозуваат македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура. Како и да се одвиваат преговорите натаму, доколку се изнајдат заемно прифатливи модели и решенија кои би го одблокирале нашиот евро-атлански прогрес, за тоа ќе мора да се изјаснат македонските граѓани на референдум. Името на Република Македонија е од огромна важност за сите политички и општествени фактори“, потенцираше Вељаноски.
Претседателот на Собранието, исто така, додаде дека поради овој спор земјата е приморана да стои пред вратите на Европската унија и на НАТО, но и дека таа секојдневно работи на продлабочување на регионалната соработка со соседите, продлабочувајќи ги економските, политичките и добрососедските односи./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.