Македонија
Најсиромашните ученици добиваат 18 пати помалку од јавните ресурси за образование отколку најбогатите
Во повеќето земји ширум светот, значително помалку јавни ресурси се користат за образованието на децата кои претставуваат најсиромашни 20 проценти во општеството, отколку нивните соученици кај најбогатите 20 проценти, покажуваат наодите на најновиот извештај кој во четврток го објави УНИЦЕФ. Таа разлика може да изнесува дури 18 пати.
Инвестирањето за образование и еднаквост говори дека во просек 46 проценти од јавните ресурси за образование во земјите со ниски приходи даваат директни придобивки за 10 проценти од учениците кои се наобразовани. Во земјите со средни приходи таа бројка изнесува 26 проценти. Овој дисбаланс непропорционално им оди во прилог на децата од најбогатите домаќинства кои вообичаено се стекнуваат со највисокиот степен на образование. Извештајот, прв во серијата која ќе ја објавува УНИЦЕФ оваа година со поддршка на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, силно се застапува за порамноправно трошење за образованието. Притоа, владите се повикуваат да постават приоритети за потребите на најмаргинализираните деца – сиромашните, девојчињата, етничките и јазичните малцинства, децата со попреченост и оние кои живеат во конфликтни зони. „Во светот денеска има околу 1 милијарда деца на возраст за основно и средно училиште. Тоа се 1 милијарда причини за да се инвестира во образованието,” рече Јока Брандт, заменик извршен директор на УНИЦЕФ. „Голем број од овие деца не добиваат квалитетно образование заради сиромаштија, конфликти и дискриминација заснована на род, попреченост и етничка припадност. За да го промениме тоа, потребно е радикално да ги ревидираме тековните практики со тоа што ќе се обезбедуваат повеќе ресурси и истите ќе се распределуваат поправично” додаде Брандт.Во извештајот, исто така се потенцира и продолжената сериозна криза во образованието. Напредокот во зголемувањето на пристапот до образование забележува застој – со 58 милиони деца на возраст на основно училиште кои не посетуваат училиште, јасно е дека Милениумската развојна цел 2 (да се постигне универзално основно образование) нема да биде исполнета. Покрај тоа, повеќето деца од оние кои посетуваат настава всушност не учат. Податоците откриваат дека 130 милиони деца кои стигнале до 4-то одделение ја немаат усвоено основата за читање и аритметика.Ваквата состојба ќе се влошува бидејќи популацијата на деца на училишна возраст е во пораст. За да се постигне универзално основно образование, ќе биде потребно да се запишат на училиште дополнителни 619 милиони деца на возраст помеѓу 3 и 15 години до 2030 во светот, а тоа претставува зголемување од 57 проценти на денешните податоци. Покрај тоа, јавните ресурси за образование се намалуваат. Постои годишен јаз во финансирањето на годишно ниво од 26 милијарди американски долари за обезбедување универзално основно образование во 46 земји со ниски приходи, а од 2009 официјалната развојна помош за образованието е намалена за 10 проценти. За да се земе тоа предвид, само 5 проценти од годишните профити на 15 компании со најголема заработувачка во светот би го елиминирале овој јаз во ресурсите.УНИЦЕФ ги поттикнува владите и донаторите да го зголемат трошењето за образованието и да обезбедат дека средствата се користат поефикасно и се распределуваат поправично. Приватниот сектор, исто така има суштинска улога во мобилизирањето ресурси за образованието, според наодите на извештајот.„Веќе подолго време, знаеме дека образованието може да го прекине циклусот на трајна сиромаштија и обесправеност за децата, семејствата и државите. Меѓутоа, за да се направи тоа, потребно е владите и приватниот сектор не само да вложуваат повеќе, туку тоа да го прават многу помудро во образованието,” рече Брандт./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

