Македонија
Oдбележување на 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа
Во организација на МТСП и Меѓународната организација на труд со конференција на тема: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа„ го одбележавме 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.
Сведоци сме на очигледни глобални климатски промени кои се случуваат насекаде на планетата. Резултат на тоа се сè почестите временски и климатски екстремни појави – изразито силни и чести топлотни бранови, силни врнежи, шумски пожари, поизразени сушни периоди итн. Никако не смее да се занемари фактот дека ваквите појави сериозно влијаат врз безбедноста и здравјето на работниците, кои честопати се и првите кои се изложени на овие опасности и тоа обично со изложеност која е подолготрајна и поинтензивна отколку на општата популација.
На одбележувањето на 28 април- Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски потенцирајќи го значењето на безбедноста и здравјето при работа, рече дека добар дел од несреќите при работа и појавата на професионални болести и заболувања кај работниците, можеле да бидат превенирани и спречени, но се токму последица на недоволното и несоодветното преземање на превентивни и заштитни мерки, неопходни да го заштитат здравјето и животот на работниците на работното место.
Во овој дел, тој се осврна на анализите и проценките на Меѓународната организација на трудот објавени пред извесно време.
„Проценки кои даваат една навистина застрашувачка слика, според која секоја година повеќе од 2,3 милиони работници ширум светот умираат од несреќи или заболувања кои се поврзани со работата и работното место, а дополнителни 340 милиони работници се повредуваат во различни несреќи при работа’, рече Велковски и додаде дека овие повреди и несреќи при работа, за жал се случуваат и во нашата држава.
Според податоците од Државниот инспекторат за труд, во текот на минатата – 2023 година се случиле околу 2,250 посериозни повреди при работа, од кои 17 завршиле трагично, со смртни последици по вработените.
„И токму затоа, спречувањето на ваквите ситуации, намалувањето на можностите за појава и настанување на несреќи при работа, намалувањето на ризиците на работното место, спречувањето или намалувањето на влијанието на различни опасности со кои се соочуваат или доаѓаат во допир работниците при нивната работа, … сето ова е нешто на што сите мораме заеднички и координирано да работиме, уште поинтензивно отколку досега”, потенцираше министерот Велковски.
Секоја година при одбележувањето на Светскиот ден за БЗР, во фокусот на дискусиите е одредена актуелна тема од областа на безбедноста и здравјето при работа. Така е и оваа година. Одбележувањето е тематски посветено на „Влијанието на климатските промени врз безбедноста и здравјето при работа“.
Министерот Велковски на оваа тема акцентираше дека: „Мораме да сме свесни дека промовирањето и почитувањето на основниот принцип и право на работа во безбедна и здрава работна средина, исто така помеѓу другото, значи и соодветно справување со опасните влијанија од климатските промени на работното место”.
На конференцијата, воведни обраќања, покрај министерот Велковски имаа и Владанка Трајковска, Претседателка на ОРМ, Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ и Националниот координатор на МОТ, Емил Крстановски.
На темата: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа”, говореа Горјан Јовановски, софтверски инженер и еко-активист, основач на AirCare и EarthCare.ai, проф. д-р Драган Мијакоски од Институтот за медицина на трудот и Билјана Ставреска, стручно лице за безбедност при работа од Институт за техничко испитување и безбедносен инженеринг ИТИ – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

