Македонија
Почнуваат со работа моловите и обложувалниците
Третиот сет на економски мерки за помош на фирмите се разговара, по што ќе се усвојат од Владата, најави Спасовски, според кого, општините ќе се вклучат со помош за граѓаните, со цел, помагање на лицата кои трпат финансиски последици поради коронавирусот. Спасовски најави дека од утре можат да почнат со работа моловите, но со скратено работно време, одржувајќи ред и со ограничување на бројот на посетители. Прашан за угостителските објекти и нивното повторно започнување со работа, техничкиот премиер кажа дека во планот на Владата е предвидено и тие да почнат со работа во наредните фази.
„Во планот кој денес го усвоивме на Влада е предвидено точно во која фаза, по кои протоколи ќе почнат со работа и угостителските објекти, вие знаете дека тие беа со одлука затворени бидејќи најголема опасност за ширење на вирусот претставуваа токму тие угостителски објекти, поради бројот на луѓе кои се таму, начинот на блиска комуникација и така натаму. Во планот е предвидено кога и на кој начин. Следната недела очекувам да разговараме за следниот сет за разлабавување на мерките, но тоа ќе зависи од тоа на кој начин се однесуваме, односно колку одговорност ќе покажеме“, рече Спасовски.
Угостителските објекти во трговските центри ќе можат да работат само со шалтерски систем и достава. Техничкиот премиер кажа дека мора да се прави дезинфекција на моловите, а со работа од утре можат да почнат и спортските обложувалници.
„Се дозволува отворање на моловите со почитување на строги правила за спречување на ширењето на Ковид-19. Во моловите и натаму нема да биде дозволено да се примаат гости во рестораните и кафулињата, освен преку шалтер или достава. Протоколот предвидува ограничено скратено работно време од 10 до 18 часот, со исклучок во недела кога тие ќе се затворени. Остануваат сите мерки за заштита кои предвидуваат задолжително регулирање на влезот на лица во затворениот продажен центар од страна на овластено лице за да не се дозволи групирање на луѓе во ходниците, опрема за лична заштита, како и дезинфекција на моловите. Од утре со работа можат да почнат спортските и други обложувалници со шалтер, согласно протоколот на Комисијата за заразни болести, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

