Македонија
Oсмани во посета на Косово
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денес ќе престојува во Приштина каде што ќе оствари средби со тамошната претседателка Вјоса Османи Садриу, со премиерот Албин Курти, како и со вицепремиерката и министерка за надворешни работи Доника Гервала Шварц.
На средбите Османи ќе се осврне на поддршката од страна на ОБСЕ за реформските постигнувања на косовските институции и заедници кои заедно со Мисијата на ОБСЕ во Косово постигнаа видлив напредок во промовирањето на функционални демократски институции, човековите права и владеењето на правото.
Покрај официјалните средби Претседавачот Османи заедно со Премиерот Курти, ќе ја посети и Академијата за јавна безбедност каде ќе се сретне со полициските кадети од немнозинските заедници. Исто така, предвидена е посета и на Регионалниот центар на ОБСЕ во Митровица, каде Османи ќе учествува во дебата со младинските граѓански организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар додели 48 спортски стипендии
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на отворањето на Лига Центар за учебната 2025/2026 година, додели 48 спортски стипендии на ученици од основните училишта во општината, како признание за врвните резултати постигнати во различни спортски дисциплини.
Стипендиите се доделуваат во три категории, во износ од 2.500, 3.000 и 3.500 денари, и се исплаќаат во текот на осум месеци од учебната година. Добитници се учениците што се истакнале како најдобри стрелци, играчи и голмани во Лига Центар, како и оние кои постигнале исклучителни резултати во пливање, карате, гимнастика, тенис, џудо, скијање, триатлон, мечување и бадминтон.
Герасимовски, честитајќи им на младите спортисти, истакна дека локалната самоуправа континуирано вложува во создавање подобри услови за спорт и физичка активност на младите.
„Во програмата за наредниот период предвидуваме изградба на два нови покриени базени, едниот токму во ова училиште, „11 Октомври“, а вториот во ООУ „Димитар Миладинов“. Учениците од Центар ќе имаат уникатна можност пливањето да стане дел од наставната програма. На тој начин, децата ќе стекнуваат здрави спортски навики уште од рана возраст, што ќе придонесе за развој на физичката активност и правилен раст и развој,“ изјави Герасимовски.
Македонија
СДСМ: Мицкоски лаже – исплатите од ИПАРД не ги стопира тој, туку европскиот механизам за финансиска контрола
Смешни се изјавите на Христијан Мицкоски дека наводно по негово барање биле стопирани исплатите од ИПАРД 3. Исплатите од ИПАРД не може, ниту законски, ниту процедурно, да ги стопира ниту претседател на влада, ниту министер, ниту партија, велат од СДСМ.
„Тоа го прави Националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што делува во рамки на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди. Тоа значи дека НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик на системот за контрола на исплатите. Мицкоски, обидувајќи се да се спаси од политичка одговорност, се поставува како „контролор“ на европски пари, а тоа е апсурд кој ја покажува неговата некомпетентност и паника“, велат од партијата.
Од СДСМ велат дека ИПАРД 3 е суспендиран затоа што Агенцијата за доделување на ИПАРД е компромитирана со корупција, злоупотреби и партиски влијанија.
„Апсењето на директорот и неговите блиски соработници, поставени токму од Мицкоски и министерот Трипуновски, е директна причина за активирање на механизмот на суспензија. НОА постапува за да ги заштити европските средства од понатамошна злоупотреба. Мицкоски не може да го претстави тоа како сопствена одлука, затоа што ова е санкција од европскиот систем на контрола – не успех на Владата, туку доказ за нејзин неуспех“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека ова е втор пат во последните 15 години кога програмата ИПАРД се суспендира, и двата пати кога ВМРО-ДПМНЕ ја води Владата.
СДСМ повикува на одговорност и оставки. „Државата не смее повторно да биде понижена од партиски експерименти и корупциски шеми кои ја уништуваат довербата на ЕУ во институциите“, велат од таму.
Македонија
Хелсиншкиот комитет: Правдата за Кочани мора да биде навремена, целосна и транспарентна
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ја следи судската постапка поврзана со трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Основниот кривичен суд го закажа почетокот на главната расправа за 19 ноември, во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, информираат од таму.
Обвинителниот акт, како што појаснуваат, опфаќа 34 лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.
Хелсиншкиот комитет потсетува дека долготрајноста на постапките за кривични дела со тешки последици претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одолговлекување ја продлабочува болката на семејствата и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Комитетот ја повикува судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот.
Од Комитетот изразуваат поддршка на семејствата на загинатите, кои на 15 ноември, (сабота) најавија Марш за правда во Скопје, кој ќе почне на Плоштад Македонија и потоа преку Собранието ќе заврши кај Основниот кривичен суд.
„Граѓанскиот активизам и мирниот протест се легитимни форми на изразување на незадоволство и на потсетување дека правдата не смее да биде одложена. Таа треба да е достапна за сите, без разлика на позицијата и влијанието на обвинетите. Правдата за Кочани е правда за сите нас“.

