Македонија
Oсмани: НАТО и ОБСЕ треба да ја одиграат својата улога кога станува збор за поддршката на Украина
Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, денеска во Брисел имаше свое обраќање пред Северноатлантскиот совет на НАТО, каде што ја претстави програмата на Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ во 2023 година.
Пред Советот, со кој претседаваше заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, Османи ја истакна важноста на улогата на НАТО и ОБСЕ во европската безбедносна архитектура и ја презентира визијата на Северна Македонија како претседавач на ОБСЕ. Тој посочи дека фокусот на претседавањето ќе биде ставен на луѓето и на вредностите и принципите на ОБСЕ, кои беа прекршени со руската агресија врз Украина.
„Агресијата на Руската Федерација против Украина ги потресе столбовите на нашата безбедност“, потенцира Османи додавајќи дека Украина ќе остане врвен приоритет и клучно безбедносно прашање. „Наш приоритет во сите три аспекти ќе биде да обезбедиме суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ“, рече тој.
Претседавачот со ОБСЕ, Османи, пред присутните истакна дека агресијата кон Украина мора да престане, како и дека смртта на цивилите и пустошот се неприфатливи, а последиците и цената на оваа војна за цела Европа и за целиот ОБСЕ-регион ги карактеризира како жални и неподносливи.
„Цивилните страдања се причината за нашиот силен фокус на луѓето кои се први на удар од оваа агресија. Оние кои се директно изложени на војна и конфликти се плашат за своите животи, а пак оние кои се подалеку чувствуваат несигурност, вознемиреност и неизвесност. Нивниот начин на живот е доведен во прашање и нивното секојдневие е нарушено. Нашиот ангажман е пред сѐ за луѓето. Ова е нашето мото и движечката сила за годината што претстои“, истакна Османи пред присутните.
Османи во обраќањето ја спомена улогата на двете организации во промовирањето на контролата на оружјето и мерките за градење доверба и безбедност.
„И двете организации треба да ја одиграат својата улога кога станува збор за поддршка на Украина, но и за другите земји учеснички или партнерите. Тие ги имаат потребните алатки и механизми за да придонесат за поголема безбедност и стабилност“, потенцира Османи.
Османи пред Северноатлантскиот совет на НАТО ги спомена и другите кризни ситуации во регионот на ОБСЕ истакнувајќи дека централна Азија и регионот на Југоисточна Европа ќе останат во фокусот. Тој најави зајакнување на теренските мисии на ОБСЕ и поддршка за севкупното присуство на терен.
На врвот на листата на приоритети на Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, Османи ги посочи и борбата против корупцијата и промовирањето на доброто владеење наведувајќи дека тоа е заедничка болест, која го загрозува демократскиот и социо-економскиот раст.
Тој најави дека Организацијата ќе се посвети на поддршка на основните човекови права и промовирање толеранција и недискриминација како предуслови за општата безбедност.
Претседавачот со ОБСЕ, Османи, на крајот од своето обраќање ја истакна важноста на соработката меѓу ОБСЕ и НАТО.
„Многу ми е драго што стратешкиот концепт усвоен минатата година во Мадрид, кој кристално јасно покажува дека НАТО има намера да ги зајакне нашата заедничка координација и соработката. Како претседавач со ОБСЕ, уверен сум дека сите можеме да имаме корист од оваа соработка бидејќи работиме за да придонесеме во процесите за безбедност и стабилност во Европа и светот“, истакна Османи.
Пред обраќањето пред Северноатлантскиот совет на НАТО, Османи оствари средба со заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, каде што имаше можност да оддаде признание за ангажманот на Џоана во својство на претседавач со ОБСЕ во 2001 година кога неговите напори доведоа до поголема стабилност на нашата земја и регионот.
Во заедничка изјава Османи повтори дека и покрај нивната поинаква природа и цел, и НАТО и ОБСЕ имаат важна улога во зачувување на европската безбедност. „И двете организации се засновани на принципи и вредности, кои во случајот на ОБСЕ се грубо прекршени со воената агресија. Верувам дека има простор за соработка и треба да ги исцрпиме сите можности за да придонесеме за поголема безбедност во регионот на Европа, но и пошироко“, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.

