Македонија
Облачно, по котлините можна слаба утринска магла

Променливо облачно со услови за слаб локален дожд, почест во северозападните и југоисточните делови од земјата. Ќе дува слаб северoисточен ветер. Наутро во дел од котлините ќе има услови за слаба магла.
Дневните температури ќе се движат од 6 до 14 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината слично време со температура до 12 степени. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Скандалозната најава од Меџити отвора сериозни сомнежи за постоење веќе подготвени списоци со имиња на ‘подобните’ партиски кадри“, вели Кузеска

„Изет Меџити подготвува робусна акција-најголеми партиски напад врз институциите досега со 3.000 нови партиски вработувања во државната администрација. Скандалозната најава од вицепремиерот Меџити отвора сериозни сомнежи за постоење на веќе подготвени списоци со имиња на „подобните“ партиски кадри, кои треба да се вдомат во јавниот сектор“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Очигледно станува збор за политички дил меѓу ВЛЕН и ДПМНЕ односно меѓу Мицкоски и Меџити за робусно полнење на јавната администрација со луѓе блиски до владејачките партии.
Пред локалните избори власта спремила робусно полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе и младите остануваат без никаква шанса.
Затоа Македонија ги губи младите, поради корупција, партиски клиентелизам и нееднакви можности. Способните си заминуваат бидејќи знаењето се заменува со партиски кадри.
Овој огромен, робусен скандал со најголема партизација на институциите мора да биде целосно расчистен.
ДКСК мора веднаш да отвори предмет по оваа изјава на Меџити. Сите моментални вработувања во администрацијата да бидат стопирани и да се обезбеди целосна истрага за овој скандал.
Граѓаните заслужуваат држава каде што секој има еднакви можности, а не распределување на работни места според партиски списоци“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Македонија
(Видео) Мишиќ: Итни и конкретни чекори за безбедни улици сега, не утре

Претседателката на Либерално-демократската младина (ЛиДеМ) и член на Извршниот одбор на ЛДП, Јелена Мишиќ, вели дека улиците стануваат бојно поле, а младите животи секојдевно згаснуваат.
„Последните трагедии низ Скопје ја покажаа суровата реалност – несоодветната инфраструктура, отсутната контрола и негрижата на институциите кои чинат живот. Ова не е статистика, ова е нечија судбина! Либерално-демократската партија бара итни и конкретни чекори! Пешачките премини не смеат да бидат избледени и невидливи, улиците мора да бидат јасно обележани, а хоризонталната и вертикалната сигнализација редовно обновувана. Несфатливо е во 21 век да бараме пешачки премин „на среќа“ или да газиме по избледени линии“, посочува Мишиќ во својата изјава.
Според Мишиќ, локалните власти мора веднаш да формираат Совети за безбедност во сообраќајот таму каде што ги нема, а во оние општини каде што постојат, да се ангажираат вистински професионалци кои ќе предложат одржливи решенија, затоа што без стручни луѓе, секоја мерка е само празен збор.
„Бараме да се воведат ‘платоа за забавување на сообраќајот’ пред училиштата и градинките, а брзината во централните подрачја да се ограничи на 30 км/ч. Ова не е популизам – ова спасува животи. Сообраќајниот хаос мора да се реши и преку паметно организирање на паркинзите, за тие да не претставуваат пречка, туку дел од решението“, порачува Мишиќ.
ЛДП, додава Мишиќ, нема да дозволи оваа тема да биде заборавена по неколку дена. Улиците мора да бидат безбедни за сите – сега, не утре!
Македонија
Ѓорѓиевски на средба со италијански експерт за сообраќајни решенија, Џовани Ботини

По повод конференцијата на тема „Нееднаквости: италијанскиот дизајн за подобар живот“, организирана од Амбасадата на Република Италија и ITA – Italian Trade Agency Skopje, во рамките на Italian Design Day, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, одржа состанок со дел од учесниците на настанот, кои ги претставија своите врвни достигнувања на светско ниво.
На продуктивниот работен состанок во просториите на Општина Кисела Вода присуствуваше Џовани Ботини, извршен директор на италијанската компанија „SYSTEMATICA”, како и професорите од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Огнен Марина и проф. д-р Ана Тромбева Гаврилоска, заедно со советникот на градоначалникот за урбанистички прашања, Славе Трпески. Главната тема на дискусијата беше идентификувањето на сообраќајните предизвици и пронаоѓањето на иновативни решенија за нивно надминување, со посебен фокус на Општина Кисела Вода и поширокото подрачје на Скопје.
Кога станува збор за решавање на урбаните сообраќајни проблеми, малку компании можат да се пофалат со искуство како “SYSTEMATICA”. Оваа италијанска фирма стои зад некои од најуспешните проекти за транспортно планирање во светот – од Милано, Рим и Торино до Лос Анџелес и Дубаи. Нивниот пристап се базира на детална анализа на сите можни транспортни решенија, со цел креирање долгорочни, одржливи стратегии кои ја подобруваат функционалноста на градовите.
Градоначалникот Ѓорѓиевски ја нагласи важноста на ваквата експертиза во контекст на се’ поголемите предизвици со кои се соочуваат македонските градови.
– Урбаните средини се менуваат, бројот на возила расте, а со тоа и потребата од добро осмислени решенија. Само преку стратешко планирање и соработка со докажани експерти како “SYSTEMATICA” можеме да изградиме функционален, ефикасен и модерен транспортен систем. Нашата обврска е да донесеме решенија што ќе обезбедат подобар квалитет на живот за сите граѓани, истакна Ѓорѓиевски.
Во рамки на средбата се дискутираше и за големиот успех на Меѓународниот конкурс за Расадник што го реализираше Општина Кисела Вода, првиот ваков конкурс во Македонија после 1965 година. Проектот привлече огромно внимание, не само во домашната јавност, туку и во светските стручни кругови. Жирито беше составено од меѓународни експерти, вклучително и реномиран професор од Италија, а поддршка стигна и од домашните релевантни институции – Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Заклучокот од средбата беше јасен – само преку силна соработка меѓу локалните власти, академската заедница и меѓународните партнери можеме да создадеме одржливи, паметни и ефикасни решенија кои ќе ја дефинираат иднината на македонските градови.
Italian Design Day е проект на италијанското Министерство за надворешни работи со кој се промовира дизајнот како универзална експресија на „Made in Italy”. Овој ден се одбележува со богата програма од настани организирани од италијанските амбасади низ целиот свет.