Македонија
Обвинителите на Зврлевски и пишаа на Јанева дека е срамно непрофесионална
Обвинителите од Основното јавно обвинителство Скопје со кое што раководи обвинителот Марко Зврлевски се незадоволни од постапувањето на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и во писмо упатено до неа пишуваат дека е срамно непрофесионална и прави штета на јавно обвинителската професија.
Обвинителите и досега биле незадоволни од работата на Јанева но не реагирале бидејќи сметале дека во државата има институции пред кои Јанева треба да понесе одговорност.Кулминацијата на незадоволството се случила со последното појавување на Јанева во јавноста и и пишале писмо за да ги појаснат, како што велат, дезинформациите кои ги изнела Јанева во јавноста.Обвинителите велат дека Јанева лаже, дека во предметите кои им ги предало скопското обвинителството не било ништо сработено. „Јавното обвинителство согласно законот Ви предаде 35 оформени предмети кои беа работени од страна на 23 различни јавни обвинители. Дел од нив беа јавните обвинители кои сега работат кај Вас. Во секој од предметите беа преземени дејствија, издадени наредби, сослушани сведоци, оштетени, осомничени.. прибавени податоци и документација. Дел од предметите дури беа и пред правна одлука. И ние, ги работевме и сето тоа го презедовме, иако кај нас не беа доставени снимките кои Вие еве веќе една година ги имате, а сработивте само неколку. Основното јавно обвинителство Скопје предавајќи Ви ги предметите, објави и соопштение на ден 19 ноември 2015 година во кое детално ја извести јавноста за активностите преземени во секој предмет“, пишуваат обвинителите.Тие ги негираат информациите на СЈО дека скопското обвинителство ништо не им предало.„Вашата изјава дека ништо не ви е предадено е контрадикторна и со изјавата на вашиот помошник, Фатиме Фетаи, која на прес конференција за еден од предметите јасно напомна дека сите докази биле веќе обезбедени од Основното јавно обвинителство“, се вели во писмото. Обвинителите ја критикуваат својата колешака дека не го почитува јавно обвинителскиот кодекс, откако еден од истражителите на Јанева беше приведен бидејќи ја фотографил куќата на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. „Ве прашуваме, според кои стандарди и закони, Вие давате наредба на ваш истражител да следи и снима лице осомничено во ваш предмет? Дали имавте за тоа судска наредба за Посебна Истражна Мерка? Дали Вие и вашите „ повисоки стандарди” всушност во правниот промет вметнуваат и правна несигурност. Би сакале да знаеме, бидејќи за нас е незамисливо да се следи и снима објект или лице кое е осомничено од страна на било кој без постоење на изричита судска наредба. Уште повеќе, дали со усна наредба од Ваша страна беше испратен и приватниот детектив кој исто така вршеше следење и снимање на осомничено лице во Ваш предмет? Цените ли дека се што од ваша страна е направено од крајно непознавање на законите и постапката, треба од денес да биде „повисок стандард” по кој сите ние ќе работиме, па ќе можеме директно да испраќаме истражители за следење, снимање, заедно со приватни детективи, кај ќе стигнеме“, прашуваат колегите на Јанева.Според нив, Јанева го намалува угледот на работењето на јавното обвинителство за да се истакне самата како професионалец. Во писмото ја критикуваат за тоа дека не направила записник од предавање на снимките, не поднела отчетност за финансиското работење на институцијата со која раководи, дозволила непотизам и на прес – конференциите ги нарушила правата на пресумпција на невиност.„Почитувана г-ѓа Јанева, на крајот Ве потсетуваме. Ваша обврска, како и наша обврска е да гониме криминал. Да го познаваме правото, оти во раце ни се човечки судбини. Да работиме според законите и правните професионални стандарди. А не да создавате клима на непочитување на законите и институциите, да водиме јавни обвинителски политички кампањи, јавно да осудуваме лица и да пресудуваме без судски процес. Ние сите, сме дел од правосудниот систем, кој меѓу другото, не спие. Само не чувствува потреба јавно да се експонира. Да ве потсетиме! Honeste vivere, alterum non laedere, suum quique tribuere !!! Чесно живеј, друг не повредувај, на секој дај му што му припаѓа“ и порачуваат обвинителите на Јанева./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

