Македонија
Од аферата со личните карти оформени се повеќе предмети
Два месеца најмалку му се потребни на Основното јавно обвинителство да ги разгледа и да утврди што сé има во материјалите најдени во становите на З.Б. каде беше откриена фабрика за фалсификување лични документи, но и пронајдени биле десетици илјади снимени телефонски разговори.
Како што соопшти заменикот на основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, јавниот обвинител Јован Цветановски на прес-конференцијата во вторникот, оформени се повеќе предмети во врска со настанот за поодамна публикувани сомненија во медиумите за наводна афера за печатење на фалсификувани патни исправи, како и за доставени наводно фалсификувани лични карти од едно лице до Министерството за внатрешни работи „По предметите интензивно се постапува од страна на повеќе обвинители. Обвинителите кои постапуваат по предметите досега дадоа наредби за преземање истражни дејствија до одделот за Организиран криминал при МВР и ординационите единици во МВР кои се надлежни за различни видови вештачења. Во текот на истражните дејствија издадени се наредби за вештачење, претреси и разговори со повеќе лица за утврдување на фактичката состојба“, рече Цветановски.При извршените претреси на станови на осомниченото лице З.Б., како и на други лица, пронајдени се голем број обрасци за патни исправи, возачки дозволи, лични карти и други документи за подготовка на невистинита документација. „Исто така, пронајдени се машини и опрема, и тоа преси, секачи и компјутерска опрема за изготвување фалсификувана документација. Првичните сознанија на обвинителството укажуваат дека постојат основи на сомнение дека порано споменатите патни исправи, лични карти, машини и опрема, соодветствуваат со оние пронајдени при претресот. Добиени се и првични известувања од овластените лица за содржината на пронајдените податоци во компјутерите во кои меѓудругото се наведува дека постојат и фајлови на десетици илјади телефонски разговори. За содржината и потеклото на разговорите поради обемноста на материјалот ќе биде потребен временски период од најмалку два месеца за да утврдиме“, рече обвинителот Цветановски.Постапката се води против повеќе лица, а бидејќи главниот осомничен З.Б., веќе е на издржување казна затвор за него не е потребна дополнителна мерка за негово обезбедување. За другите лица кои во моментов се осомничени од судијата на претходна постапка определени се мерки за обезбедување, но одлуката дали и за кои лица и какви мерки за обезбедување ќе бидат потребни и ќе побара е само на јавните обвинители кои работат по тие предмети.Како што рече Цветановски. поради карактерот на истрагата во овој момент не се во можност да споделат повеќе информации./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

