Македонија
Одбиен предлогот за притвор за Јанакиески- Јанкулоска и Божиновски биле на патување
Основниот суд Скопје 1 го одби предлогот за притвор за градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, на кого му одреди алтернативна мерка, еднаш неделно да се јавува во Основниот суд во Ресен, и за поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Јанакиески и Темелко и уште двајца други осомничени до доцна синоќа беа на сослушување во Основниот суд 1. Министерот како што соопштија од Судот, не бил уапсен туку доброволно се појавил во Судот.
Останатите четворица осомничени од осуммината за изборни нерегуларности не се појавиле на сослушување во судот бидејќи биле на патување. Меѓу нив е и поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и секретарот на Владата, Кирил Божиновски за кои нивните адвокати доставиле авионски карти како доказ дека не се во земјава, но дека ќе се јават тогаш кога ќе определи Судот.
За овие осум лица предлози за определување на мерката притвор од страна на Специјалното јавно обвинителство се поднесени до судија на претходна постапка од Одделот на организиран криминал.
На Темелко не му бил одреден притвор поради здравствената состојба, додека од Судот не ги образложија причините зошто не им е одреден притвор на останатите осомничени.
„Причините за оваа одлука се наведени во образложението, за кој е дозволен рок за жалба во рок од 24 часа и со оглед на тоа дека не се правосилни не може дополнително да се коментира, а кога ќе бидат правосилни ќе бидат објавени на страницата на Судот“, изјави Паула Божиновски, портпарол на Основниот суд Скопје 1.
Досега до Судот нема стигнато други предлози за притвор од Специјалното јавно обвинителство за други лица, а првите предлози до Судот биле доставени непосредно по прес конференцијата на Специјалното обвинителство.
Специјалното јавно обвинителство побарало притвор за лицата поради основан страв дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоци, вештаци со учесници или прикривачот.
Од Судот велат дека во овој момент од постапката судија на претходна постапка одлучува за обезбедување на присуство на лицата, а не се одлучувало за основаноста на делата кои им се ставаат на товар. Тие се сомничат за злосторничко здружување , повреда на избирачкото право, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал, злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања.
До Судот е доставен уште еден предлог за определување на мерка притвор против едно лице до судија на претходна постапка во Одделот за кривично полнолетни, што значи предлози за притвор има за вкупно девет лица.
Ова лице исто така не било сослушано во судот, во понеделник треба да се појави пред судија на претходна постапка.
Специјалното јавно обвинителство во петок предложи притвор за осум лица за изборни нерегуларности, меѓу кои се и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Нивната партија најави дека функционерите ќе ја докажат својата невиност во текот а постапката.
Специјалното јавно обвинителство најави жалби на решенијата од Судот за одбивање на притворот, кои како што најавија од Судот ќе бидат разгледани во понеделник. /крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

