Македонија
Одложено рочиштето за случајот „Диво насеље“
Одложено е судењето за случајот „Дива населба“, поради болест на судијката Верка Петковска , јави репортерот на „Макфакс“, а ново рочиште е закажано за 31 мај, во вторник.
Судењето за овој случај требаше да се одржи во големата сала на Врховниот суд, поради големиот број обвинети и адвокати, како и големиот интерес на јавноста.Иако претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделковска соопшти дeка не може да се користи оваа сала бидејќи била наменета за свечености, сепак салата е дадена на користење на Кривичниот суд, со одлука на Владата потпишана од вицепремирот, Зоран Ставревски на 17 мај.Судењето за „Дива населба“, кумановскиот вооружен судир што се случи пред една година, треба да почне од почеток бидејќи судот ја спои постапката со случајот „Молња“, односно со логистичарите кои беа уапсени пред неколку месеци.Сега, обвинети во случајот се 37, а ги бранат 15 адвокати.Во судирот во Куманово, кој траеше речиси два дена, загинаа осум македонски полицајци и десет припадници на вооружената група, а обвинети се 29 лица кои одговараат за тероризам./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата предлага ново задолжување од 20 милиони евра без информации за каматата
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска изјави дека Владата во Собранието поднела Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменето за изградба на фискултурни сали, без да достави информации за висината на каматната стапка.
Лукаревска оцени дека државата се наоѓа во финансиски тешка состојба и дека задолжувањето, според неа, оди во опасна насока. Таа посочи дека нема средства за зголемување на платите, за минимална плата од 600 евра и за нови мерки за поддршка на животниот стандард на граѓаните, додека, како што рече, секојдневно се реализираат милионски тендери кои ги добиваат исти фирми блиски до власта.
Според Лукаревска, во државниот буџет недостигаат околу една милијарда евра, а владата таа дупка ја пополнува со нови задолжувања кои, како што наведе, ќе ги отплаќаат идните генерации.
Таа потсети дека Владата веќе се задолжила со една милијарда евра од Унгарија, 660 милиони евра на домашниот пазар, како и 100 милиони евра преку државни обврзници во декември 2025 година, а најавено е и ново задолжување од шест милијарди евра.
Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што, според неа, ја прави државата најзадолжена во Западен Балкан.
Пратеничката на СДСМ порача дека нивните пратеници ќе се спротивстават на ова и на секое идно задолжување, повикувајќи ја Владата да го повлече предлогот, да ги намали трошоците и задолжувањето и да обезбеди средства за граѓаните.

