Македонија
Одржана јавна расправа за новиот предлог закон за општата управна постапка

Во рамките на 12-та седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците при Собранието на Република Македонија, во понеделник се одржува Јавна расправа за работната верзија на Предлогот на законот за општата управна постапка.
Воведно излагање за законското решение имаше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој истакна дека Владата на Република Македонија одлучи да го модернизира системот на управни постапки врз основа на потполно нова правна рамка, т.е. нов Закон за општата управна постапка, со кој од една страна ќе се зачувуваат традиционалните вредности и добрите страни на сегашниот ЗОУП, но исто така и ќе се отворат можности за примена на нови институти кои одговараат на современиот технолошки и општествен развој.
„Целта на новиот закон е да се воспостави целосен и синхронизиран систем на управна постапка, со кој треба да се подобри транспарентноста на управните постапки, да се зголеми довербата на граѓаните во јавната администрација, да се поттикне управна пракса ориентирана кон услугите и професионална јавна администрација, како суштински услов за економскиот развој, потоа да се поддржи ефективното и етичкото однесување на државните и јавните службеници во заштитата на јавниот интерес, како и да се подобри ефикасноста (економичноста) на донесувањето на управните акти во корист и на јавниот интерес и интересот на граѓаните. Исто така, со ова законско решение треба да се трасира патот и да се започне со примената на современи информатичко-комуникациски технологии за испораката на административните услуги (е-администрација) и да се усогласи македонската јавна администрација со стандардите на ЕУ“, рече Ивановски.
Новиот ЗОУП ќе обезбеди правна заштита кога испораката на јавните услуги (како на пример, телекомуникациски услуги, снабдување со електрична енергија или вода) ги попречува правата на граѓаните или нивниот законски интерес. Исто така, ќе се воспостави и законска основа за „единствената точка за контакт“, преку која граѓаните ќе можат на поефикасен и поекономичен начин да ги остварат своите права и правни интереси.
Свои видувања на денешната јавна расправа по предлог-законот за општата управна постапка изнесе и деканот на Правниот Факултет при УКИМ, професорот Борче Давитковски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски – Бардуани: Остануваме посветени на регионалната безбедност и стабилност

Денеска во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски се сретна со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани со кого разговараше за значајната улога на оваа мисија во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, а со тоа и на целиот регион.
„Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка која ја даваме на оваа мисија и во иднина“, рече министерот на средбата.
Мисајловски порача дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, сигурен и безбеден регион е од приоритетно значење за нас, додавајќи дека земјата ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.
Имајќи предвид дека мандатот на генералот Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, министерот Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија.
Генералот Бардуани, пак, посочи дека македонските војници секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски. Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на нашата држава во мисијата КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот.
Во рамки на посетата, генералот Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонската Армија во оваа мисија придонесува од 2020 година.
Македонија
Професорот Горан Марковски ќе се кандидира за градоначалник на Скопје

Професорот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, ќе биде независен кандидат за градоначалник на град Скопје, соопшти граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот“, велат од платформата.
Кандидатурата на професорот е поддржана од граѓанската платформа „Независни“ заедно, составена од „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
Македонија
ДУИ нуди ветинг со меѓународен мониторинг: Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија

ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која има право да држи лекции за борбата против корупцијата, криминалот и политичките влијанија, затоа што денес, од позиција на власт, јасно демонстрира дека има само една цел: целосно да ја зароби државата, особено правосудството, велат од ДУИ.
Според нив, под водство на оваа влада, политиката отворено се меша во Обвинителството, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, со класични политички сценарија за ставање на правдата под контрола.
ДУИ, додаваат од таму, не се плаши од независно правосудство ниту од транспарентност.
„Напротив, ние нудиме конкретно решение: ветинг со меѓународен мониторинг, за целосно чистење на политичката и јавната сцена од секое коруптивно влијание. Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата, која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори, кои денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање, од страв од фер конкуренција“.
ДУИ бара истрагата да се прошири и на институциите на државната безбедност и нивните вработени од 1945 година до денес, затоа што, како што велат, само така може да се затвори едно темно поглавје од минатото и да се изгради држава каде никој не е над законот.
„Тие што немаат што да кријат – го прифаќаат ветингот.
Времето на моноетнички проекти и етничка супериорност е завршено. Северна Македонија може да се гради само заедно, во духот на мултиетничноста и еднаквоста, а не под плаштот на „борба против корупцијата“ да се реализираат агенди кои ја поткопуваат државата и ја заробуваат за да спроведат моноетнички цели.
ДУИ останува цврсто определена да ја води државата напред кон европската интеграција, со чисти институции, со независно правосудство и со општество кое става крај на бескрајниот транзициски период“, истакнуваат од партијата на Ахмети.