Македонија
Одржана првата регионална средба за заштита на природата во Охрид
Богатото природно наследство на нашиот регион зависи од координираната акција на сите земји, ова е пораката што од Охрид ја испратија властите од регионот надлежни за заштита на природата.
Програмската канцеларија на светската унија за заштита на природата (IUCN) за Jугоисточна Eвропа, во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија, во вторник ја организираше првата годишна средба на националните власти надлежни за заштита на природата во регионот, со цел да се утврдат регионални приоритети и заеднички активности во сферата на заштитата на природата.
Како што соопшти МЖСПП, целта на овој настан беше да се олесни размената на информации и воспоставувањето на мрежи со собирање на високи претставници на министерствата и директори на агенции за заштита на природата од Jугоисточна Eвропа.
Се дискутирало за регионалните приоритети за заштита и за клучните тековни процеси и иницијативи поврзани со заштитата на природата, како што се улогата и важноста на Европската мрежа на раководители на агенции за заштита на природата (ENCA) и Регионалната мрежа за пристапување во сферите на животната средина и климата (ECRAN).
„Воспоставувањето на регионална платформа за планирањето на заштитата на природата, преку зајакнување на институционалната соработка и имплементацијата на конзерваторските стандарди се меѓу приоритетните активности“, рече Нурхан Изаири, министер за животна средина и просторно планирање на Македонија на отворањето на средбата.
Институциите одговорни за заштита на природата во Jугоисточна Eвропа денес направија решителен чекор, со кој ќе се зајакне нивната соработка, ќе се помогне во создавањето на регионална платформа и ќе се олесни усогласувањето на политиките за заштита на природата. Во IUNC се подготвени да дадат совети и поддршка на националните органи, потпирајќи се на својот пристап базиран на науката и широките експертски мрежи, велат од МЖСПП.
“Зголемувањето на институционалната соработка во регионот претставува основа за долгорочна заштита на природата и одржливо користење на ресурсите во Jугоисточна Eвропа. Целта на IUCN е да обезбеди усогласување на политиките за заштита на природата и стандардите што ќе се применуваат во целиот регион. Ние цениме што Македонија ја препознава важноста и се понуди да биде домаќин на првата годишна средба на директорите во Jугоисточна Eвропа“, рече Борис Ерг, директор на IUCN за Jугоисточна Eвропа.
По состанокот, беше организирана експертска теренска посета на Охридското и Преспанското Езеро под покровителство на Управата на НП Галичица, со што учесниците добија можност да научат за современите заштитени подрачја во регионот на Охридското Езеро, вклучувајќи ги локалитетот на охридскиот регион на светско културно и природно наследство и неодамна прогласениот Прекуграничен биосферен резерват Охрид-Преспа.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

