Македонија
Општина Центар почна нов проект „Едуцирани родители, среќни деца“

Општина Центар го започна серијалот предавања „Едуцирани родители, среќни деца“ , на кој сите идни родители ќе имаат можност да добијат информации и стручни совети за започнувањето и одржувањето на здрава бременост, како и за правилната грижа за детето по породувањето.
Општина Центар и со овој нов проект покажува дека постојано работи на решавање на проблемите на жителите на општината со што ќе се овозможат сите предуслови за поубава иднина.
„Децата се нашето најголемо богатство, решивме на уште еден начин да понудиме грижа за нивната добросостојба. Имено, за оптималното здравје на најмладите е неопходна соодветна информираност на возрасните. За таа цел, повикавме стручни лица со долгогодишно научно и практично искуство од областа, со чија помош граѓаните ќе се информираат како на најдобар начин да планираат семејство, да уживаат во здрава бременост и да понудат врвна грижа на своите најмили. Инвестирањето во иднината значи инвестирање во здравјето и правилниот развој на децата, како наша најголема надеж и вредност. Затоа, општината Центар со голема љубов ги концепираше овие едукативни работилници, кои веруваме дека ќе помогнат за што побезгрижно родителство и поубав раст на најмалите и најмилите“, е ставот на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.
Предавањата се одржуваат два пати месечно во Канцеларијата на млади на општина Центар./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Два активни пожари во државата, два се под контрола, а 29 се изгаснати

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои два се активни, два се под контрола, а 29 се изгаснати, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во општина Липково – село Никуштак (гори нискостеблеста деградирана шума и дабова шума) и во општина Студеничани – село Варвара и село Драчевица (гори мешана шума и ниска вегетација).
Како што информираше ЦУК под контрола се пожарите во општина Берово – Дрџински рид, м.в. Стојковото, село Русиново (дабова и букова шума и папрат) и во општина Гази Баба – Вардариште (ѓубриште).
Изгаснати се 29 пожари.
Македонија
„И СДС и Димовски признаваат дека во период на изборни циклуси бил следен и прислушкуван Мицкоски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Скандалот со прислушкувањето на АНБ и АР на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, новинари, бизнисмени добива се поголеми размери. И СДС и поранешниот нивен директор на АНБ, Виктор Димовски признаат дека имало следење и прислушкување на неистомислениците, критички кон нив настроените новинари, јавни личности“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Во обид да се извлечи од целата ситуација откако СДС потврди дека имало прислушкување, Димовски призна дека во период на изборни циклуси во државата процениле дека било неопходно да се следи ВМРО-ДПМНЕ, на чело со претседателот Мицкоски, како тогашна опозиција.
Која безбедносна закана би биле партиските активности на партијата во пресрет на тогаш локални и парламентарни избори, освен закана СДС да си замине од власт.
Ова нивно признавање за петгодишно следење и прислушкување на претседателот Мицкоски значи дека не само тој, туку и неговото семејство биле предмет на следење на тајните служби.
Овие безбедносни служби, наместо да се грижат за безбедноста и да го штитат интегритетот на државата и граѓаните, тие биле маша за политичка борба и притисок на СДС, а главен извршител бил Виктор Димовски.
Виктор Димовски многу добро знае што правел, и какви кривично правни последици има тоа и токму затоа треба јавно да признае што и по чија наредба од врвот на политиката правел.
Ова следење и прислушкување не би било можно без директна дозвола од Зоран Заев, затоа што во целиот систем бил вклучен и Љупчо Коцевски од ЈО, кој подоцна токму СДС го избира за државен јавен обвинител, како и Врховниот суд.
Овој скандал на злоупотреба на безбедносните служби во политички цели, не смее да остане несанкциониран и одговорност мора да има, за никогаш да не се повтори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Филипче во работна посета на Франција

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска е во еднодневна работна посета на Франција.
Во рамки на посетата, Филипче ќе одржи средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги.
Претседателот Филипче ќе одржи средба со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани.
За време на работната посета во Париз, Филипче ќе има состанок со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј, и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
Воедно, Филипче ќе има средба и со Бенжамин Куто, истражувач при Институтот „Жак Делор“.
„Во фокусот на средбите ќе биде спроведувањето на реформската агенда и моменталниот статус на евроинтеграцискиот процес на Македонија“, соопштија од СДСМ.