Македонија
Православните христијани го слават Рождество Христово – Божик
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Савески во Врховниот суд: разговарано за поефикасно постапување по предметите во надлежност на највисокиот суд
Во рамките на заложбите за поефикасна координација меѓу Јавното обвинителство на РСМ и Врховниот суд на РСМ, државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска оствари работна средба со претседателот на Врховниот суд Африм Фидани.
Тие разговараа за повеќе прашања кои треба да овозможат поефикасно постапување по предметите во надлежност на највисокиот суд, а по кои постапува и републичкото обвинителство.
Во исто време, Савески го запозна Фидани со плановите за воведување нов систем за електронско управување со предметите во обвинителствата, кој во иднина треба да овозможи и побрза дигитална размена на податоци со судовите.
По преземањето на функцијата, Савески минатата недела го посети и Уставниот суд.
Македонија
Сиљановска-Давкова постхумно го одликува Анастас Коцарев со Орден „Илинден – 1903 година“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова постхумно го одликува Анастас Коцарев со Орден „Илинден – 1903 година“ за неговиот особен придонес во афирмирањето на самобитноста на македонскиот народ и за залагањето и активизмот за национално и социјално ослободување и создавање независна македонска држава.
Во своето обраќање таа истакна дека постхумното одликување на Анастас Коцарев претставува чин на исправување на историската неправда, но и можност државата да се самопотврди преку делото на научник од светски ранг.
Според неа, доделувањето на орденот „Илинден – 1903 година“ не е само свеченост, туку и значаен момент на збогатување на националната историја со личност чие влијание било тивко, но длабоко и далекусежно како во науката, така и во општествено-политичкиот живот.
Сиљановска-Давкова истакна дека неговиот пат од Охрид до најпрестижните европски универзитети сведочи за висок професионален дострел и успех, но и за компаративност, компатибилност и компетитивност со најголемите научни умови, како Марија Склодовска-Кири.
Таа посочи дека Коцарев не бил само врвен научник, туку и активен борец за македонската кауза, вклучен во меѓународни иницијативи и движења за признавање на правото на самоопределување на македонскиот народ.
Претседателката укажа дека со ова признание „заборавениот Македонец“ станува незаборавен и најави дека куќата во Охрид каде што Анастас Коцарев е роден ќе добие симболично обележје.
Македонија
Минчев – Маричиќ: Зајакнување на институционалната соработка и координацијата
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ и членовите на комисијата.
На состанокот беше извршена размена на информации од заеднички интерес, при што се разговараше за можностите за унапредување на меѓуинституционалната соработка, како и за координација на активностите во насока на ефикасно и навремено спроведување на законските обврски на двете институции.
Соговорниците ја истакнаа важноста од континуирана комуникација и партнерски пристап, со цел обезбедување на транспарентност, професионалност и доверба во институционалните процеси.
Министерството за јавна администрација останува посветено на зајакнување на институционалната соработка и унапредување на административните капацитети, со цел обезбедување ефикасна, отчетна и сервисно ориентирана јавна администрација.
