Daily news
Вечерва свечено отворање на Саемот на книгата
Саемот на книгата свечено ќе биде отворен во понеделник вечер во втората хала на Скопски саем.
Повеќе од 80 издавачи со над 80.000 книги ќе бидат достапни за љубителите на пишаниот збор на 29от Меѓународен саем на книгата, што официјално за посетителите ќе биде отворен од 4ти до 10ти април на Скопски саем.
Саемот ќе биде во Метрополис Арена (Хала 1) и Хала 2 каде на 4.000 м2 изложбен простор традиционално и оваа година ќе биде обезбедена најголемата концентрација на домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста. Овој саем е место каде секој од посетителите ќе може да се дружи и запознае со авторите од домашните и странските издавачки куќи.
Скопски саем го организира саемот во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија — ЗИКМ и Здружението на албанските издавачи од Македонија.
Традиционално, како и минатите години и оваа година на Саемот на книгата, како една од најзначајните културни манифестации во земјата, на едно место ќе се претстават најголемите домашни издавачи, но и издавачи од Србија, Црна Гора и Албанија.
Шведска е претставена преку Амбасадата на Шведска, при што на нивниот штанд ќе се врши промоција на детска литература од шведски автори како и презентација и јавна дискусија на тема „Астрид Линдгрен, детската литература и правата на децата“ со прикажување на документарниот филм за животот на Астрид Линдгрен ”АСТРИД” на 7 април (петок) од 11.00 часот во Конгресниот центар на Скопски Саем.
Во богатиот програмски дел во 7те саемски денови, во Промотивниот центар лоциран во Хала 2 ќе се реализираат повеќе од 60 промоции на нови дела и автори, бројни дебати и трибини, како и доделување на награди.
На 6 април (четврток) од 11.00-13.00 часот ќе се организира „Претставување на проекти од областа на Европски интеграции во соработка со Министерството за култура”, како и “Претставување на поетската платформа Версополис во соработка со Струшките вечери на поезијата”, со најавени гости од странство.
За прв пат оваа година, на Саемот на книгата во Хала 2 ќе биде претставена литературата за деца и млади, а во посебен дел од Халата ќе биде адаптирано Детско катче/игротека каде најмалите ќе може да се едуцираат и забавуваат со богатата програма на промоции на детски изданија, креативни работилници и други забавни активности.
Посетителите може да очекуваат навистина голема понуда на книги по достапни цени, а издавачите најавуваат големи попусти кои ќе се движат до 70%.
Во втората хала се организирани и 20те Денови на образование и кариера каде на младите и другите заинтересирани им е овозможено за кусо време да добијат точна и брза информација за интересите што ги имаат: од студиските програми на високообразовните институции од земјата и странство, советување и ориентација, преку можностите за стручно усовршување и преквалификација, сé до информации за вработување и развој во кариерата. Овие денови се резервирани за сите тие кои се на прагот на една од најголемите одлуки, следните чекори во образованието и кариерата.
Во рамки на саемот ќе се реализираат промоции на образовните програми на присутните Универзитети, промоции на библиотеките од Македонија, а ќе се организираат и неколку интересни дебати и трибини на темите „Предизвици и придобивки од вклучување на средношколците во процесите на донесување одлуки“, „Жените во техничките науки“, „Родот во медиумите“ и „Неформалното образование како пристап во унапредувањето на родовата еднаквост.“
Седмиот Меѓународен саем за туризам – Скопје травел маркет 2017, ќе може да се посети во третата хала на Скопски саем. На овој саем ќе се претстават туристички агенции, хотели и туроператори од Македонија и регионот, општини, организации, потенцијални инвеститори во туристичката индустрија, компании за производство на хотелска опрема, но и за софтверска поддршка во туризмот. Овде посетителите ќе можат да ги разгледаат бројните понуди за патување и можностите да го видат светот.
Покровител на манифестацијата е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, а партнер е Стопанската комора за туризам.
И оваа година веќе по седми пат Република Турција ќе биде претставена преку Канцаларијата за туризам и култура на Турција во Република Македонија, каде на својот штанд успешно ќе ја претстават својата понуда како културна и туристичка дестинација.
Свеченото отворање на Саемот на книгата е во понеделник (3 април) во 19.00 часот, а за посетители саемот е отворен од 4 до 10 април, од 10.00 до 20.00 часот.
Саемот за туризам – Скопје травел маркет и Денови на образование и кариера се одржуваат во периодот 6 до 8 април, од 10.00 до 20.00 часот.
За сите саеми, цената на влезницата за посетители е 30 денари, а за организирани групни посети, 20 денари. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.