Македонија
Офшор фирмата „Те-То“, сопственик на БЕГ, го загуби предметот за неисплатена дивиденда против „Топлификација“
Тројца апелациски судии на 6 февруари годинава ја отфрлиле жалбата на оштетените „Битар Холдинг Лимитед“ од Кипар, мнозински сопственик на „Те-То“ АД, Љупчо Станковски и Јоже Карловски, изјавена преку адвокатското друштво, „Чукиќ и Марков“ и ја потврдиле првостепената пресуда на кривичниот суд во Скопје, со која, го отфрлил барањето
за поведување на прекршочна постапка против „Топлификација АД“ и Димитар Хаџи Мишев за неисплатена дивиденда на акционерите.
Во пресудата пишува дека првостепениот суд правилно постапил кога го отфрлил барањето за поведување прекршочна постапка. Оштетените-предлагачи претходно поднеле барање за заштита на акционерските права до Комисијата за хартии од вредност. Биле известени дека Комисијата спровела контрола поврзана со неисплатата на дивиденда на акционерите и покрај донесената одлука на Собранието на акционери. Со одлуката било констатирано дека со непостапувањето по Одлуката за исплата на дивиденда за 2012 година Топлификација го прекршила членот 487 став 5 од Законот за трговските друштава, а со тоа го попречила остварувањето на едно од основните права кои акциите им ги дават на нивните сопственици.
Судиите не ги прифатиле како основани овие наоди, бидејќи според Законот за прекршоците, наведено е дека судот ќе го прифати барањето од оштетениот за поведување прекршочна постапка ако е проследено со писмено барање до надлежниот орган, со докази дека го пријавил прекршокот и барал надлежниот орган да постапи по барањето и во рок од 30 дена од таквото барање од надлежниот орган добие негативен одговор или не добил одговор.
Судот во образложението навел дека оштетените стекнуваат право да поведат прекршочна постапка само под услов ако надлежниот орган, одлучи да не поведе прекршочна постапка илиако молчи за пријавениот прекршок.
Апелацискиот суд во Скопје во 2017 година донесе пресуда со која го одби тужбеното барање на „Топлификација“ АД за присилна наплата на побарувања врз основа на заеми, што „Топлификација“ АД ги дала на „Те-То“ АД. За овој предмет првостепениот суд еднаш донесе пресуда во корист на „Топлификација“ АД. На таа одлука „Те-То“ АД поднесе жалба во Апелацискиот суд, кој го врати предметот во Основниот суд, кој повторно донесе иста пресуда. На втората жалба на „Те-То“, Апелација ја отфрли тужбата од „Топлификација“ и пресуди во полза на жалителот.
Инаку, „Топлификација“ АД ја тужи „Те-То“. Компанијата лани поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и оштетување доверители. Според „Топлификација“ раководството на „Те-То“ поднело барање за стечај и донело одлука за отпис на долг од 120 милиони евра без одлука на собранието на акционери. Со тоа овозможила противправна имотна корист на офшор компанијата „Битар Холдинг лимитед“ од Кипар која е мнозински сопственик на „Те-То“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

