Македонија
Спасески во ОН: Вложувањето во младите луѓе е сигурна инвестиција во иднината
Директорот на АМС, Марјан Спасески изминатите два дена учествуваше на Глобален младински форум во седиштето на Организацијата на Обединетите Нации во Њујорк, чија цел беше да се покрене свесноста за неопходноста од инвестирање во младински политики, за имплементација на одржливите развојни цели на ОН, за младинското ангажирање во искоренување на сиромаштијата, мерките за финансирање на младинските политики и добрите практики за поддршка на младинскиот развој.
Првиот човек на АМС, Спасески имаше обраќање на министерскиот панел на тема: “Обезбедување на неопходни средства и финансии за поддршка на младинскиот развој”, каде се осврна на успешниот процес за креирање на националната Стартегија за млади (2016-2025), како и активностите кои ги презема АМС и Владата на Република Македонија за имплементација на целите и приоритетите во истата.
„Националната Стратегија за млади е резултат на едногодишен процес воден од страна на АМС, а финансиски поддржан од UNDP-мисијата во Македонија, во кој директно учествуваа преку 250 претставници од околу 75 невладини и младински организации и други релевантни институции, кои работеа заедно и ги дефинираа целите и младинските потреби за следниот десетгодишен период. Во процесот директно се вклучија и меѓународни организации и донатори како UNDP, UNFPA, OSCE, Шведската Агенција за развој и други, кои ја покажаа својата подготвеност и желба да бидат вклучени во понатамошната имплементација на оваа стратегија”, информираше Спасески и потенцираше дека буџетот на АМС за поддршка на младинските активности за 2017 година е седум пати поголем во однос на претходната 2016 година.
Тој се осврна и на процесот на воспоставување на Регионалната канцеларија за младинска сорботка (РИКО), чија основна цел е да ги поврзе и помири моладите луѓе од Регионот, а за која како што рече, Република Македонија веќе обезбедила контрибуција од околу 120.000 евра за нејзиното функционирање.
На маргините на Форумот, Спасески оствари билатерални средби со неколку свои колеги, а ја посети и постојаната мисија на Република Македонија во Организацијата на Обединетите Нации. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

