Општество
Младите од Македонија ги споделија визиите за тоа во каков свет сакаат да живеат до 2030 година
Фондот за Население на Обединетите Нации (УНФПА) во изминатиот период организираше низа работилници, со цел младите од Македонија да ги споделат своите идеи и визии за тоа во каква Македонија и во каков свет сакаат да живеат до 2030 година.
Гласот на младите од Гевгелија, Штип, Охрид, и Скопје во средата беше пренесен во живо до над 20 земји во рамките на промотивните активности поврзани со објавата на „Извештајот за состојбите на светското население – 2014”.
Последната работилница која се одржа во Скопје, а на која присуствуваа претставници од невладиниот сектор и студенти, беше одлична можност и за младите од главниот град да се вклучат во понудата на практични решенија, насочени кон подобрување на состојбите во светот. Пред одржувањето на истата, Македонија се вклучи во испраќањето на своите пораки за подобра иднина на Регионалната конференција во организација на УНФПА, на која повеќе од 20 држави ги споделија своите пораки преку специјално одбрани амбасадори за оваа цел.
„Слушаме исти три пораки од младите во земјава. Првата е дека тие имаат потреба од образовен систем кој ќе ги подготви за подобро да се справат со вистинските потреби кои се создадени на пазарот на труд. Втората порака е дека тие се подготвени и сакаат да ги прифатат различностите во општеството како нешто што збогатува наместо да разделува. И последната порака е дека тие треба гласно да ги изразат своите потреби и да дејствуваат заедно доколку сакаат да ја оформат иднината која ќе обезбеди подобар живот за нив и нивните семејства”, изјави Луиза Винтон, Постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Македонија.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, го поздрави ентузијазмот на младите за промени на општеството во кое живеат.
„Верувам дека е навистина значајно што младите имаат желба и активно партиципираат во давањето сугестии за подобрување на иднината која токму тие, ќе треба да продолжат да ја градат. Фокусот на младите е од големо значење, а давањето шанса токму тие да дадат издржани предлози за подобрување на состојбите, говори дека Македонија има млади луѓе кои еден ден активно ќе се вклучат во изградбата на подобар свет за живеење, според нивните желби и идеи”, изјави Министерот Спасов.
Со порака и Извршниот директор на УНФПА, Др. Бабатунде Остомехин порача дека иако денеска во светот живеат 1,8 милијарди млади луѓе и тие истовремено претставуваат голема сила која може да ја подобри индината. Младите луѓе се иноватори, креативци, градители и лидери на иднината. Но, тие тоа можат да го сторат само доколку поседуваат вештини, доколку се здрави, знаат да донесат одлуки и вистински избори во нивниот живот.
Караванот работилници на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) под наслов „Гласот на младите: Иднината што ја сакаме“, опфати четири града и голем број млади луѓе, студенти, претставници на невладините организации, но и ентузијасти кои имаат своја визија за Република Македонија и како би сакале истата да изгледа во иднина. Гевгелија, Штип, Охрид и Скопје беа домаќини на работилници, кои според младите, дадоа можност токму тие да го споделат она што за нив и нивниот регион е најзначајно, а може да помогне при изградбата на подобар свет за живеење. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.