Општество
МВР распишува конкурс за 400 нови полицајци
Министерството за внатрешни работи во понеделник ќе распише јавен оглас за вработување на нови 400 полицајци, што е трет ваков конкурс кој што ќе се реализира согласно веќе стандардизираните и исцрпни критериуми, информираше во неделата на прес-конференција министерката Гордана Јанкулоска
По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец и на истата се упатуваат за 10 отсто поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас или во конкретниот случај 440 кандидати. При селекцијата ќе биде земена предвид соодветната и правичната застапеност на сите етнички заедници во Република Македонија од редот на кандидатите кои
„Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи. По завршување на основната обука кандидатите за полицаец ќе склучат и договори за вработување во организациските единици сместени во Скопје“’, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Како и при распишувањето на претходните два конкурса за прием на полициски службеници, кандидатите треба да ги исполнуваат општите услови, односно да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни а да не наполниле 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.
Покрај овие општи услови, кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни параметри, односно да се високи најмалку 175 сантиметри, за мажите, односно 165 сантиметри за жените, како и да се со висока лична физичка и психичка подготвеност за извршување полициски задачи.
Постапката за селекција на кандидатите ќе ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец, која што ќе ја формираме и ќе се спроведува во пет фази. На почеток ќе се врши административна проверка, односно утврдување на навременост и потполнетост на поднесената документација, како и исполнетост на пропишаните услови. Потоа, во дополнително закажаните термини ќе следи проверка на моторички способности. Како и при претходниот прием на полициски службеници, предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3200 метри за 13,30 минути и 10 згибови на вратило за мажи, додека минимумот за женските кандидати ќе изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3.200 метри за 16,30 минути, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата.
По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази.
Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Истите во постапката за селекција ќе се утврдуваат од страна на Здравствена комисија која што ќе биде формирана за таа намена.
Заинтересираните кандидати ќе треба да ги достават следните докази за исполнување на потребните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар: уверение за државјанство, извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно образование, доказ дека со правосилна пресуда не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност и две фотографии во големина на патна исправа.
Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе лично во едно од определените места за пријавување, и тоа за СВР Скопје во полициските станици од општа надлежност, Гази Баба, Бит Пазар и Карпош, како и во останатите секторите за внатрешни работи, односно Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип.
Кандидатот треба при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација, а тоа може да се прави секој работен ден во определениот рок, во текот на работното време.
Кандидатите може да конкурираат веднаш по објавувањето на огласот а рокот за доставување на пријавите е 15 дена. Ненавреманата и непотполната документација нема да се разгледува.
По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец и на истата се упатуваат за 10 отсто поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас или во конкретниот случај 440 кандидати.
По завршување на основната обука во времетраење од една година, Министерството со кандидатот за полицаец кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договорот за вработување.
„При селекцијата ќе биде земена предвид соодветната и правичната застапеност на сите етнички заедници во Република Македонија од редот на кандидатите кои ги исполнуваат општите и посебните услови како и психофизичките и моторички способности, а Министерството особено ќе внимава и на соодветната родова застапеност на кандидатите кои ги исполниле условите на обата пола од кандидатите во секоја етничка заедница согласно позитивните законски прописи. Лесно може да се забележи дека условите се практично идентични со оние кои ги предвидовме на претходниот конкурс од едноставна причина што нема причина да се менува варијантата која се покажа како најпродуктивна“, рече Јанкулоска
Таа појасни дека досега постигнатите резултати од кандидатите на едногодишната обука којашто привршува деновиве, укажува дека е избран вистинскиот начин за селекција на идните полициски службеници. Јанкулоски илустрираше дека заедно со 700–те кандидати примени во претходните две години, министерството по завршување и на овој конкурс ќе добие вкупно 1.100 нови млади полициски службеници, за што оцени дека ќе претставува значително освежување на кадарот и многу поголема мобилност и ефикасност на униформата./крај/мф./сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.