Македонија
Над 200 милиони евра ќе се слеат во здравството

Во следните четири години во здравството се планира силен инвестициски циклус во износ од над 200 милиони евра во здравствената инфраструктира и набавка на нова опрема, најави министерот за здравство Никола Тодоров, при денешната посета на Државната клиника за кардиохирургија.
„Само за нова опрема во здравството се предвидува да бидат вложени 33 милиони евра и некаде околу 170 милиони евра во изградба и реконструкција на здравствената инфраструктура“, рече Тодоров.
Тој рече дека во рамки на Државната клиника за кардиохирургија ќе се гради хибридна сала.
„Хибридната сала ќе значи сериозен чекор напред не само за Државната кардиохирургија, туку на целиот македонски здравствен систем“, рече Тодоров.
Тоа ќе значи помалку болнички денови, инвазивни методи, побрзо отпуштање на пациентите од болница, многу помали компликации и сериозно намален морталитет кај најсложените операции.
„Кај еден тип операции морталитетот порано бил и до 40 проценти на светски рамки, а со нови модерни техники тоа е намалено на 20 отсто, а таму каде што има хибридна сала морталитетот е намален на два процента. Тоа е сериозна придобивка за пациентите, но и за целиот здравствен систем“, рече Тодоров.
Хибридната сала значи во иста просторија да има конвенционална хируршка сала и апарати за интервентна радиологија и крадиологија, што значи дека нема да се користи само за кардиохируршки или крадиоваскуларни интервенции, туку таа ќе може да се користи и за невро хирургија и некои други гранки.
Во следните четири години, потсети Тодоров, е предвидена изградба на Нов клинички центар во Скопје, Клиничка болница во Штип, реконструкција на Клиниката за кардиологија, на Инфективната клиника, Градската општа болница „8-ми Септември“, како и реконструкција на сите амбуланти во Скопје, комплетна внатрешна реконструкција на клиничките болници во Битола, Струмица и Охрид, како и комплетно нова здравствена инфраструктура на трите клинички болници Тетово, Штип и Битола./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.