Општество
Научници од областа на спортот и здравјето дебатираат на Втората меѓународна конференција
Спортот и неговото значење во образовниот процес, педагошките аспекти на физичкото образование, морфофункционалните промени во модерното време, модерните болести од аспект на спортот, селекцијата во спортот, превенција на повреди, се дел од темите на кои стручни лица и експерти од оваа област разменуваат мислења на Втората меѓународна научна конференција „Истражување на физичкото образование, спортот и здравјето“, што во петок се одржува во Скопје.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека во Македонија изминатите години се посветува исклучително големо внимание на подобрување на условите за професионалниот спорт, но и за спортот во образовниот процес.Со таа цел, зголемени се часовите по физичко образование, отворена е спортска академија, формиран е Институтот за спорт, се гради нов објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.„Во рамки на реформите што ги спроведувавме на сите нивоа на образование, една од најзначајните реформи е зголемувањето на фондот на часови по физичко односно образование за спорт со кое сме лидери во регионот по бројот на часови, што е многу важно не само заради спроведување на уште еден час во наставата, туку затоа што станува збор за градење нови генерации, за прогресија во животниот стил, пред се, од аспект на здравје, правилен раст и развој на учениците“, рече Ристовски.Формирањето на спортската академија, пак, според него, е начин за професионален развој на нејзините членови од четирите области кои се нејзин дел и нивно градење во идни македонски репрезентативци.„Ќе продолжиме да го поддржуваме целокупниот развој на спортот во образованието, бидејќи тоа има повеќедимензионален ефект, пред се од аспект на квалитетен развој на младите, но и градењето професионални капацитети за репрезентациите“, истакна заменик-министерот пред почетокот на конференцијата, на која учествуваат претставници на 14 држави.Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасевски дополни дека дел од реформите кои се спроведуваат и проектите што се реализираат е и континуираното усовршување на наставниците по физичко образование во основните и средните училишта, но и изградбата на нова спортска инфраструктура во основното, средното и високото образование.Реализирани се, голем број инфраструктурни проекти преку изградба на осумдесетина спортски сали, шеесетина повеќенаменски спортски игралишта и осумдесетина теренски терени.„Сакам да го искажам моето задоволство што Македонија повторно е домаќин на признати и ценети научници од областа на кинезиолошката наука, кои во научна дебата, за физичкото воспитување, образованието и спортот, ќе овозможат да се разменат научни искуства и трансфер на знаења и техологии кои ќе помогнат во нивниот развојот“, рече Спасески.Вуица Живковиќ, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје информира дека конференцијата се одржува втора година и изрази надеж дека таа ќе стане традиционална.„Очекуваме да се отворат многу прашања, на некои од нив и да се дадат одговори и да се донесат заклучоци кои потоа се надевам ќе најдат имплементација во системот“, рече Живковиќ. Акцентот на оваа меѓународна конференција е на педагошките аспекти на физичкото образование, морфофункционалните промени во модерното време, модерните болести од аспект на спортот на селекцијата во спортот, превенција на повреди./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.