Општество
Трифун Костовски прогласен за личност на Југоисточна Европа од областа на економијата
Македонскиот бизнисмен и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски ја доби наградата SEE Personality 2015 (личност на Југоисточна Европа за 2015 година) во доменот на економијата и филантропијата која му беше доделена на фестивалот SEE in Berlin.
Реномираната манифестација се одржа од 10 до 13 јуни и домаќин беше еден од најстарите универзитети во Европа, „Хумболт“ во главниот град на Германија.
Престижните награди беа доделени на отворањето на фестивалот, а покрај Костовски, глумецот и музичар Раде Шербеџија беше прогласен за актер на Југоисточна Европа за 2015 година.
Одлуката за тоа во чии раце ќе отидат овие ценети признанија ја носат врвни интелектуалци и културната елита на Европа. Трифун Костовски лично ја подигна наградата на фестивалот SEE in Berlin пред многубројна публика.
„Наградата многу ми значи особено поради тоа што ми беше доделена од жири составено од реномирани личности од културната сфера во Европа. Дел од комисијата беше и поранешниот амбасадор и писател Јордан Плевнеш како и истакнати личности од областа на филмот во Германија и Франција. Тие посочија и дека Балканот може многу да понуди и веќе нуди на полето на уметноста што мене ме прави горд како човек и граѓанин на Македонија“ изјави Костовски.
Пет изданија од оваа манифестација под името SEE a Paris веќе се имаат одржано во градот на светлината. Но ова е прва година, покрај француската верзија, настанот да има и германско издание кое ќе прерасне во традиционално. Директор на фестивалот е македонскиот писател и ректор на универзитетот ЕСРА, Јордан Плевнеш и настанот се организира со цел да се обединат земјите од Југоисточна Европа и да се претстави нивната кинематографијата во срцето на двете метрополи – Париз и Берлин.
Во тек на четирите фестивалски дена во Германија беа прикажани голем број играни, документарни и кратки филмови по што стручно жири им додели награди на најдобрите остварувања. За најдобар филм беше прогласен „Колку прекрасен свет“ на Анатол Дурбала од Молдавија; наградата за режија отиде кај Бранко Иштванчиќ од Хрватска додека во категоријата краток филм триумфираше „Балкон“ на Линдита Зекирај од Косово. Хрватскиот глумец Александар Богдановиќ го доби признанието за најдобар актер за улогата на Филип во „Мост на крајот на светот“ додека Флоља Кодели ја воодушеви комисијата со улогата во краткиот филм „Симпозиум“ од Албанија и победи во женска категорија.
На SEE in Berlin беа прикажани остварувања од Македонија, Турција, Црна Гора, Хрватска, Косово, Романија, Словенија, Србија, Бугарија, Албанија, Грција и Босна и Херцеговина. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со голема акција за пошумување во Делчево како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“
Халкбанк АД Скопје денес ја реализираше новата етапа од својата долгорочна зелена иницијатива „Еден милион садници за пет години“, со засадување багремови садници на површините од „HalkForest“ во Малешевијата, на локација во Делчево.
Акцијата беше спроведена во партнерство со ЈП Национални шуми и со учество на менаџментот на Банката, дел од вработените и стручни претставници од јавното претпријатие.
Ова пошумување е дел од најамбициозната еколошка програма на Халкбанк досега, иницијатива која што Банката ја започна минатата година, а е препознаена како системски придонес за борба против загадувањето, обновување на шумските екосистеми и подобрување на квалитетот на воздухот.

Со најновата акција, Халкбанк повторно ја потврди својата определба, одржливоста да биде трајна, а не декларативна обврска.
„За нас, одржливоста е дел од јасно поставена стратегија и подразбира постојана работа, планирање и вистински ангажман. Пошумувањето е активност со мерливи ефекти, го намалува загадувањето, ја подобрува еколошката рамнотежа и создава услови за поздрава средина. Со иницијативата ‘Еден милион садници за пет години’ покажуваме дека сме подготвени континуирано да инвестираме во решенија кои носат долгорочна вредност за сегашните и идните генерации,“ истакнаа од Халкбанк.
Акцијата во Делчево е дел од програмата што се реализира преку платформата ХалкЕко, преку која Банката во изминатите години засади над 100.000 садници, организираше спортски и еко настани, поддржува едукативни програми и придонесува кон уредување јавни простори низ државата.
Халкбанк останува посветена на исполнување на целта за засадување еден милион нови садници во период од пет години, со стратешки пристап и цврсто партнерство со институциите и локалните заедници.
(ПР)
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

