Македонија
Основен суд Скопје 2: Во судот не постои партизираност
Во Судот не постои партизираност, ниту, пак, партиски книшки, реагираат од Основниот суд Скопје 2 на изјавата на еден од вработените кој изјави дека судовите се партизирани и дека вработува со партиски книшки.
„Предупредувачкиот штрајк одржан во периодот од 10,30 часот, до 12,30 часот се однесува исклучиво на незадоволството на судските службеници по однос на донесениот Закон за судска служба и неговата примена, но не и за други цели. Во Судот не постои партизираност, ниту, пак, партиски книшки. Вработувањата во Судот се вршат исклучиво врз основа Закон, со примена на начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници и со почитување на критериумите на стручност и компетентност“, се вели во реакцијата на Судот./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се обновува, го рециклира моделот на Заев
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на последните кадровски решенија во СДСМ, оценувајќи дека наместо најавена обнова, партијата продолжува со, како што велат, рециклирање на стари кадри и политики од времето на Зоран Заев.
Според владејачката партија, изборот на Александар Наумоски и Драган Крајовски за членови на Извршниот одбор на СДСМ покажува дека станува збор за свесна одлука да се задржи истиот модел на функционирање, а не за вистинско кадровско освежување.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Александар Наумоски, како поранешен градоначалник на општина Ѓорче Петров, зад себе оставил бројни нерешени проблеми, меѓу кои недостиг на вода, недоволен број места во градинките и депонија што со години претставувала сериозен проблем за граѓаните. Во исто време, како што се наведува, уште на почетокот на мандатот си ја зголемил градоначалничката плата и во последните шест месеци се обидел да протурка 25 урбанистички планови со брзина каква што, според партијата, не покажал кога станувало збор за јавниот интерес.
Во реакцијата се спомнуваат и наводни тендерски шеми поврзани со неговиот мандат, меѓу кои и набавка на две машини за перење за градинка по цена од 25.500 евра, од фирма која, според ВМРО-ДПМНЕ, редовно добивала јавни набавки.
За Драган Крајовски, кој претходно беше директор на затворот „Црн мост“ во Битола, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека неговото раководење било обележано со молк за сериозни инциденти и неправилности. Како примери се посочуваат пожар во ќелија во кој бил повреден затвореник, користење европски средства за реновирање на објект што почнал да се распаѓа по две години, како и наводна злоупотреба на службени возила за приватни патувања.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, овие кадровски решенија ги претставува како „реформски капацитет“, со што, како што велат, се потценува јавноста и се испраќа порака дека партијата нема намера да се дистанцира од влијанието на поранешното раководство.
„Изборот на овие старо-нови лица е јасен доказ дека во СДСМ ништо суштински не е променето“, се вели во соопштението.
Македонија
Скопје меѓу најзагадените во Европа, СДСМ обвинува за погрешни приоритети на власта
СДСМ обвини дека власта нема средства за мерки против загадениот воздух, иако Скопје, како што наведуваат, е втор најзагаден град во Европа, додека истовремено се трошат милиони евра на, како што тврдат, наместени и криминални тендери.
Од опозициската партија посочуваат дека граѓаните на Скопје секојдневно се изложени на сериозни здравствени ризици поради загадениот воздух, особено децата, младите, хронично болните и повозрасните лица, но дека ова прашање не е приоритет за актуелната власт.
„Иако Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа, власта тврди дека нема пари за мерки и политики за подобрување на квалитетот на воздухот. Пари, според нив, има само за криминални и наместени тендери“, се вели во соопштението.
СДСМ се повикува и на наводи изнесени од Антикорупциската комисија (АКТ), според кои преку корупциски систем милиони евра од јавните средства завршувале кај фирми блиски до власта. Како пример, се наведува дека една фирма добила 161 тендер, додека друга, со само двајца вработени, инкасирала девет милиони евра за една година.
Според СДСМ, ваквите практики покажуваат дека приоритет на власта на ВМРО-ДПМНЕ не е здравјето на граѓаните, туку коруптивни зделки.
„Корупцијата навлегува во секој сегмент на општеството, а последиците се сериозни и директно влијаат врз здравјето на граѓаните“, наведуваат од партијата, додавајќи дека е неопходно да се стави крај на, како што велат, криминалот и грабежот и јавните пари да се насочат кон реалните потреби на граѓаните.
Македонија
Скопје утрово го сруши рекордот, најзагаден град е во Европа
Скопје утрово се најде на 21. место на најзагадени градови светот и прв во Европа, покажуваат податоците на светскиот сервис на мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Ај-кју ер“ (IQAir).
Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост.
Од европските градови зад Скопје се Амстердам , Сараево и Белград, додека на светско ниво најзагаден воздух дишат жителите на Лахор (Пакистан), Делхи (Индија) и Карачи (Пакистан).
Министерството за животна средина и просторно планирање завчера издаде препораки до граѓаните за заштита од загадувањето. На сите работодавци и им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и граѓаните со хронична астма, прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста. На оние кои мора да работат на отворено им се препорачува смените да им бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот.

