Македонија
По 70.000 евра надомест за семејствата на полицајците загинати во Куманово, надомест и за материјалните штети
Надомест во висина од 70 илјади евра ќе добијат семејствата на припадниците на македонската полиција кои загинаа во борбите во саботата и неделата во операцијата за неутрализирање на терористичката група во кумановската Дива населба, одлучи Владата, а надоместоци ќе добијат и повредените, како и другите учесници во операцијата којашто беше оцената како исклучително професионална.
Во акцијата во Куманово загинаа Жарко Кузмановски од тетовското село Брвеница, Ненад Серафимовски од гостиварско Зубовце, Сашо Самојловски од Тетово, Бобан Ивановиќ од Скопје, Горан Илијевски од Гостивар, Исамедин Османи од скопско Студеничани, Љубиша Арангеловиќ од Скопје и Горан Стојменовиќ од скопско Миладиновци.
Уште 37 нивни колеги беа ранети со разни степени на повреди. Во понеделникот уште 29 полицајци кои учествуваа во вооружената акција против терористите во Куманово се наоѓаат во болниците во Скопје, и сите се во стабилна здравствена состојба, информираше претходно Министерството за здравство. со
Според владината одлука донесена на седницата во понеделникот доцна вечерта, на загинатите припадници на полицијата кои биле во брак, половина од сумата на надоместокот ќе биде доделен на сопругата, а половина на родителите на полицаецот. Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да подготви и да достави информација за потребите за дополнителна помош и поддршка на членовите на семејствата на загинатите полицајци.
Исто така, ќе биде доделен и финансиски надомест за припадниците на безбедносните сили кои беа ранети и повредени во истата полициска акција во Куманово.
На најтешко ранетиот полицаец ќе му биде доделен надомест од 40 000, додека четворицата полицајци кои се тешко повредени и се хоспитализирани на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, а се под интензивно лекување, им се доделува финансиски надомест од 35 000 евра по полицаец, во денарска противвредност.
На деветнаесетте полицајци кои се веќе оперирани заради потешки повреди или, пак, имаат потешки повреди, според владината одлука, ќе им биде доделен финансиски надомест од 25 000 евра по полицаец. На преостанатите тринаесет полицајци кои беа повредени и ранети во акцијата да им се додели финансиски надомест од 15 000 евра по полицаец.
Финансиски надомест од по 10.000 евра по припадник ќе им биде доделен на припадниците на Единицата за специјални задачи и на припадниците на Единицата за брзо распоредување, како и на припадниците на хеликоптерската единица кои учествуваа во акцијата, и на професионалците од штабот кои раководеа со акцијата во Куманово, соопшти Владата.
На припадниците на Посебната единица на полицијата кои беа ангажирани во полициската акција во Куманово, да им се додели финансиски надомест во висина од 5.000 евра по припадник.
Исто така, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи на следната владина седница да достави информација со предлог за висина на финансиски надомест за припадниците на редовниот полициски состав ангажирани во Полициската станица во Куманово кои биле на должност за време на одвивањето на акцијата.
Владата одлучи на медицинскиот персонал ангажиран во време на полициската акција во Куманово, во Ургентниот центар на Комплексот клиники Мајка Тереза, во Општата градска болница 8 Септември – Скопје, во Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски – Скопје, во Општата градска болница во Куманово, во Итната медицинска помош во Скопје, во Итната медицинска помош во Куманово, и тимовите од итната медицинска помош од Штип, Велес и Свети Николе ангажирани во Куманово, да се додели финансиски надомест во висина од една месечна плата по медицински работник.
На истата владина седница беше одлучувано и за хуманитарната помош, при што Владата формираше комисија за процена на оштетувањата на недвижниот и движен имот во местото каде што се одвиваше акцијата, која во рок од 7 дена треба да излезе на терен и да подготви и достави до Владата извештај за процената на штета. Комисијата е составена од претставници на Владата и Општина Куманово. Владата зазема став да се изврши обесштетување на недвижниот и движен имот во висина од 100 отсто од проценетата штета наведена во извештајот од комисијата.
Владата одлучи на семејствата чиишто домови се оштетени во акцијата во мерка која не дозволува услови за престој во нив, да им се обезбеди сместување во време на периодот потребен за санација на нивните домови, или пак во истиот период додека трае санацијата да добиваат финансиски надомест за закуп на простории (кирија) за живеалишта. Владата одлучи на овие семејства да им додели и првична еднократна хуманитарна помош во висина од 100 000 денари по единица оштетен дом во мерка која не дозволува услови за престој.
Владата одлучи надлежните државни комунални, медицински и санитарни институции, во соработка со Општина Куманово и Град Скопје, да пристапат кон расчистување на теренот со цел обезбедување на потребните комунални и санитетски услови./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

