Македонија
Почнува процесот за целосна исплата на отштета на поплавените
Владата на денешната седница донесе одлука за почеток на процесот на исплата на целосната оштета за оштетените од августовските поплави.
„Како што беше ветено, исплатената целосна оштета ќе биде во висина од 100% од проценетата штета. Исплата на 100% оштета од висината на проценетата штета го прават многу, многу малку земји во светот. Овој факт за 100% обесштетување од проценетата штета е централна суштина и фокус на овој процес, и потценувањето и минимизирањето на овој факт е некоректно и погрешно, напротив тој факт би требало соодветно да се акцентира и вреднува. Граѓаните треба да се сигурни дека ние нашето ветување го исполнуваме, а сите ние да инвестираме во таа сигурност, и како средства и како амбиент“, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.Согласно одлуката на Владата процесот на исплата на целосната оштета ќе се реализира во неколку транши. Согласно одлуката која е донесена денеска, во првата транша на исплати ќе следува исплата на оштетата за 947 предмети кои ќе добијат 100% од проценетата штета, за која што цел за овие 947 предмети се издвоени 118 милиони денари. „По наша проценка апроксимативно има околу 4000 предмети врз основа на кои треба да се исплати оштета, точниот вкупен број не е се уште утврден заради тоа што процесот на утврдување на точноста на секој предмет е се уште во тек, така да во оваа прва транша се опфатени приближно околу 25% од предметите. Значи, понатаму како што ќе се прочистуваат и комплетираат останатите предмети ќе следуваат нови транши на исплата на други домаќинства, исто така во висина од 100% од проценетата штета. Целиот овој процес би требало да заврши во период на октомври и ноември“, појасни Ѓорѓиев.Досега се извршени авансни исплати од по 30 000 денари по предмет за 3074 предмети. Останатите, по проценка околу 1000 предмети нема да добијат авансна исплата туку веднаш ќе добијат комплетна оштета во висина од 100% од проценетата штета, односно кај овие предмети наместо во два чекора, авансна па комплетна исплата, процесот ќе оди во еден чекор директна комплетна исплата. „Оние кои добиле авансна исплата ќе добијат целосна, комплетна исплата која ќе претставува разлика од вкупната проценета штета и авансната исплата. На пример ако по основа на предмет била исплатена авансна исплата од 30000 денари, а вкупната проценета штета е 330 000 денари, сега по основ на тој предмет ќе бидат исплатени дополнителни 300 000 денари, затоа што 30 000 денари веќе добиле со авансот. Оние кои не добиле авансна исплата ќе добијат директно комплетна исплата на целата штета“, рече Ѓорѓиев. /крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

