Македонија
Почнува судењето за Зоран Божиновски, „Шпион“ на Апелација, новинарите на протест
Во четврток се очекува да започне судењето против новинарот Зоран Божиновски кој се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Стартот на судењето за Божиновски е закажан за 10.30 часот, а еден час порано во Апелациониот суд е закажана јавна седница за случајот „Шпион“, случај во кој првично беше осомничен Божиновски, но неговиот предмет беше раздвоен бидејќи беше недостапен.. Во 2014 година беше донесена пресуда за овој случај во којшто се осудени главно сегашни и поранешни припадници на разузнавачката агенција, Управата за безбедност и контраразузнавање, како и Министерството за одбрана.Осудените се товарат дека се занимавале со шпионажа, но и со уцена на влијателни личности во Македонија од кои барале пари за да не им објават детали во јавност од нивните приватни животи.Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство, кое исто така утре на јавната седница во Апелација, треба да се произнесе за наводите во жалбите на одбраната.Здружението на новинарите на Македонија во четврток, во 10 часот ќе организира протест пред Основниот суд Скопје 1 во знак на поддршка за Божиновски.„Ги повикуваме сите новинари да се приклучат на протестот и заедно да му изразиме поддршка на колегата Божиновски. Во исто време сакаме да го осудиме прогонот на новинари, кој во Македонија се заканува да стане пракса“, се вели во повикот на ЗНМ.Протестот го поддржуваат и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми и Институтот за комуникациски студии.Божиновски беше гонет во текот на 2013 година, но поради неговата недостапност на органите на прогонот истрагата беше прекината и продолжи по неговата екстрадиција од Србија на 21 април.Тој и претходно беше уапсен на 7-ми ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница на Интерпол. Извесно време помина во екстрадиционен притвор во Србија, по што беше пуштен на слобода, па екстрадиран во Македонија каде се наоѓа во притвор./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

