Политика
ВМРО-ДПМНЕ: Нема договор за коалицирање со ДУИ, нови избори е зрело решение

Формирањето влада треба да биде во функција на решавање на кризата, а одржување на нови избори се наметнува како „зрело решение“, соопштија ноќта кон понеделникот од ВМРО-ДПМНЕ кои информираа дека не е постигнат договор за коалицирање со досегашниот партнер во власта ДУИ.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата За подобра Македонија како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план“, се истакнува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Никола Груевски до неделата на полноќ требаше да го извести шефот на државата Ѓорге Иванов од кого го доби мандатот дали обезбедил парламентарно мнозинство за состав на кабинет, секое друго решение „само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на чии да се програмски цели“.
Партијата која на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември освои најголем број мандати – 51 во 120-члениот парламент, смета дека е очигледно оти „некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој“.
„ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17-ти декември 2016-та година“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: BМРО-ДПМНЕ им служи на туѓите интереси и работи против членството во ЕУ

„ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која работи против членството на државата, им служи на туѓите интереси и делува по туѓа агенда. Сите учесници во инцидентот во Охрид се членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Сликани со Мицкоски, со Николовски. Едниот од напаѓачите е дури и вработен во администрацијата на градоначалникот на Охрид, Пецаков, исто така од ВМРО-ДПМНЕ“ соопштија од владејачката СДСМ.
Од партијата велат „за инцидентот постапува обвинителството, откако МВР успеа веднаш да ги пронајде напаѓачите и да постапи соодветно“.
„Насилство од било каков тип е неприфаталиво, исто како што се неприфатливи сите обиди за попречување на европскиот пат и навредите на чувствата на македонските граѓани. И додека СДСМ ги остварува стратешките цели, ја внесе земјата во НАТО, ги отвори преговорите со ЕУ, Мицкоски се натпреварува со Левица во тоа кој е поголем противник на ЕУ. На државата не и потребно потпалување на атмосферата, туку продолжување на европскиот пат, обезбедување на уставните измени за интеграција во ЕУ“ се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и Пендаровски да не ги кријат и јавно да кажат кои странски агентури влијаат на односите со Бугарија

„Поданичкиот однос на Владата придонесе Македонија да биде понижувана од Бугарија. Виткањето ‘рбет е причина на барањата на Бугарија, кои секој ден се сè повеќе. Оваа власт трајно ги оштети македонските позиции и ја стави државата во подредена положба. Цела извршна власт со денови не може да одлучи дали некого прогласува или не персона нон грата и наместо реална реакција, само подгрева атмосфера, а потоа се повлекува“, соопштуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму порачуваат „Македонија не смее повеќе да биде ставана на позиција за поткусурување по потреба на Ковачевски и Османи“.
„Затоа бараме:
Прво, власта на Ковачевски и Пендаровски да не ги крие и јавно да ги каже што се тие агентурни мрежи и странски агенти, кои работат преку здруженија и фондации за поттикнување антимакедонски ставови. Второ, финансиските институции да го проверат финансирањето на некои од овие здруженија, како и потеклото на парите, бидејќи со овие здруженија се шири антимакедонска политика.
Трето, Владата да се заинтересира за дејствувањето, целта и за постоењето бугарско здружение во Корча, соседна Албанија, каде што во целата област живее мнозинско македонско население. Зошто досега не се побарани одговори за ова ниту од Еди Рама ниту од властите во Албанија, на кој начин дозволуваат да се негира постоењето на македонското национално малцинство во Албанија, кое што таму живее со векови.
Четврто, Владата досега нема ниту една посериозна реакција во однос на кое било отворено негирање на македонската нација, историја и јазик. Затоа постојат македонски институции и тие мора да се спротивстават на отворената кампања против Македонија.
Петто, бараме македонската Влада да побара доследно спроведување на пресудите добиени во судот за човекови права во Стразбур во насока на заштита и признавање на засебноста на Македонците во Бугарија, нивното право на здружување, нивното право на учество на избори, нивното право на образование на мајчин јазик, како и нивното право на национално определување како Македонци. Должност е на Македонија да се грижи со сета сила и аргументи за правото на сите Македонци каде и да се наоѓаат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Османи во Брисел на средби во НАТО и ЕУ

Претседавачот со ОБСЕ, Министерот Османи денес и утре е во работна посета на Брисел каде ќе оствари средби со Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика и Потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, како и со Земникот на Генералниот Секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.
Покрај презентацијата на програмата на ОБСЕ, на средбите во Европската Унија ќе бидат разменети мислења и за можностите за продлабочување на соработката со ОБСЕ, пред сѐ со Европската Комисија и институциите на ЕУ, со посебен фокус кон улогата и работата на теренските мисии на Организацијата во поширокиот регион на Југоисточна Европа.
Во рамките на посетата на НАТО, Османи ќе учествува на посебна тематска сесија на Северно Атлантскиот Совет (САС) на НАТО, на која ќе бидат разменети видувањата за актуелните безбедносни предизвици и улогата на ОБСЕ во одржувањето на стабилноста и безбедноста на Континентот.
Покрај Борел и Џоана, Османи ќе оствари посебни средби и со Специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан – Мирослав Лајчак, како и со Еврокомесарот за кризен менаџмен – Јанез Ленарчиќ.