Политика
Иванов: Никогаш нема да се согласам Македонија да биде бинационална и федерална држава

Мојот став е повеќе од јасен, никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава и никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во четвртокот за време на своето годишното обраќање.
„Се уште слушам како поедини лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси. Ќе ги потсетам дека Македонија во 1991 година се конституира како национална држава на Македонскиот народ, во кој се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија“, истакна Иванов.
Иванов потенцираше дека со Охридскиот рамковен договор беше отворена вратата за правична застапеност на граѓаните од сите, а не само за една заедница.
„Недозволиво е некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Република Македонија, спротивно на Уставот на Република Македонија“, истакна Иванов.
„Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават. Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара, ниту се преговара“, потенцираше македонскиот претседател.
„Никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет. Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа е слободата и независноста на Република Македонија. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество“, истакна Иванов.
Осврнувајќи се на изборите и постизборниот период Иванов уште еднаш им честита на граѓаните, истакнувајќи дека со распределбата на своите гласови тие всушност ги принудија партиите да водат дијалог во институциите, но не по цена на државните интереси.
„Граѓаните разбраа дека за да се излезе од кризата не е потребно надгласување, туку усогласување, не е потребно уценување, туку помирување“, рече Иванов, додавајќи дека граѓаните најодговорно си го исполнија својот дел од договорот наречен демократија.
Иванов истакна дека со ова обраќање ја исполнува својата уставна обврска да информира за прашањата од негова надлежност и дека за обраќањето писмено ќе го извести Собранието на Република Македонија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најстрога казна за сторителот и одговорност од институциите за убиството на жените, бара Националната мрежа против насилството

Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство бара најстрога казна за сторителите на убиствата врз жените, што се случија изминатиот период во земјата. Од таму бараат и одговорност од институциите за непреземање мерки за заштита на жените.
Се работи за фемициди извршени на свиреп начин, на кои, како што велат од Мрежата, им претходело долгогодишно семејно насилство, кое било пријавувано во полиција. Тоа се случаите во Кичево, каде што жена беше усмртена со 40 убоди од страна на партнерот, претходно во Куманово беше убиена жена од сопругот, а во Гевгелија маж ги уби својот брат и снаата.
Од Мрежата бараат од Основното јавно обвинителство при одредување на висината на казната да ги земе предвид сите околности, односно да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство. Бараат одредување највисока казна за сторителот.
„Понатаму, бараме да се поведе постапка за испитување на одговорноста на службените лица во врска со двата случаја, кои не постапиле навремено и чие непрофесионално работење доведе до смрт на 3 жени. По спроведената постапка за утврдување одговорност, очекуваме службените лица да бидат соодветно санкционирани“, велат од Мрежата.
Непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната или отсуството на имплементација на законите, според Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените, кој најчесто се извршува од страна на маж, а жртвата е секогаш жена.
Анализата на Националната мрежа покажала дека во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија се регистрирани вкупно 22 фемициди. Кај повеќето анализирани случаи убиството било извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80 % од случаите убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата.
Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019 година, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството што претходи.
Македонија
Власта отвори можност бугарската мафија да основа коцкарници во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Власта на ДУИ и Ковачевски шверцерски со потпис на Артан Груби протнала одлука за основање на дури три нови онлајн-коцкарници, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Во услови кога народот тоне во сиромаштија, тие, наместо да работат на подобар стандард, формираат коцкарници, кои уште повеќе ќе ги осиромашуваат граѓаните.
Да биде ова уште посомнително, власта воведува услови што ги дисквалификуваат домашните фирми и отвораат можност да влезе капитал од бугарското подземје ,каков што е ликот Васил Бошков-Черепот. Токму овој лик поврзан со бугарската мафија, кој живее во Дубаи, се занимава со бизнисот со коцкарници и условите за бизнисот во Македонија што ги определува Владата му отвораат можности на бугарското подземје да навлезе во државата“, додаваат од партијата.
Ова не само што е лицемерно од страна на власта што го осиромашува народот туку е и крајно опасно за државата, порачаа од опозициската партија.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик како еден од европските

По повод 26 септември, Европскиот ден на јазиците, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, порача дека „Европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик како еден од европските“.
„Јазик преку кој во европската култура, наследство и традиција се вградени делата на нашата фолклорна традиција, но и на нашиот современ македонски израз. Со македонскиот јазик со Европа ги споделивме и ги споделуваме делата на Конески, Шопов, Јаневски, Стефановски, Бужаровска и плејада други писатели и поети“, порачува Костадиновска-Стојчевска. Таа додава дека на македонски, како еден од европските јазици, се преведени Шекспир, Кафка, Сервантес, Бодлер, Гете и другите европски класици и современи големци на литературата.
„Така, македонскиот јазик живее и преку преводите на стотиците странски македонисти во Европа и во светот како наши културни дипломати. Таа почит кон македонскиот јазик повикува и ние да ја негуваме љубовта кон сите други европски јазици како културен идентитет на народите на нашето европско семејство“, истакнува министерката за култура, која нагласува дека денешниот, Европски ден на јазиците, нека биде уште еден поттик да порачаме до сите граѓани да ги учат и почитуваат јазиците за да ги пренесуваат љубовта и разбирањето меѓу народите.