Политика
(Видео) Арсовски: СЈО се користело единствено за рекетирање, уцени, притисоци и испумпување на народните пари

СЈО цели три години функционирало како злосторничко здружение. Во моментот ја гледаме аферата „Кеш“ од милионски размери проневерени пари помеѓу обвинителите и функционерите на СДСМ од касата и буџетот на СЈО, односно проневерени пари на граѓаните, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Не само што се злоупотребувале овластувањата и законите за рекет и уцени, туку организирано се ограбувал буџетот на институцијата, односно се ограбувале милиони евра на граѓаните. Без никаква основа и без никакви критериуми, стотици илјади евра им се делеле секој месец на лица блиски до Зоран Заев и Катица Јанева, односно на лица што треба да му прибават каква било корист на Зоран Заев.
Си делеле пари и додатоци за дејства што по закон морале да ги преземаат во согласност со описот на работното место каде што функционираат лицата. Нема поголема иронија кога Фатиме Фетаи се обидува да се оправда за стотиците илјади евра повикувајќи се на патните трошоци што пратениците во собранието ги зеле, а за истите тие патни трошоци, истата таа Фатиме Фетаи отвораше кривична истрага.
Истрага за криминалното разграбување на парите на граѓаните мора да има и таа мора да заврши со изведување пред лицето на правдата на сите оние што го злоупотребувале буџетот и лично профитирале, а на крајот парите на граѓаните мора да бидат вратени во буџетот. СЈО се користело единствено за рекетирање, уцени, притисоци и испумпување на народните пари. СЈО е дувло на непотизам и дувло за испумпување на парите на граѓаните.
Замислете, институцијата што требаше да гони висока корупција и криминал, злоупотреба на службената должност и државните пари, го направи истото, но во неколкупати поголеми размери. Кој сега ќе ги истражува нив? Вработените во СЈО и функционерите на СДСМ си делеле меѓу себе милиони евра. Обвинителите во СЈО за 4 години зеле помеѓу 200.000 и 400.000 евра и згора на сè и тие пари им биле малку, па продолжија да рекетираат гледајќи ги целата јавност сите оние случаи на рекетирање.
Замислете, не само што обвинителите си делеле пари меѓу себе, тие делеле пари и на други владини функционери. На пример, Арафат Ештреф Муареми, директорот на Финансиската полиција, освен редовната плата, од СЈО земал 26.000 евра хонорар за нешто што му е работа по службена должност. За што ги примал овие пари? Дали ова доделување пари на директорот на Финансиската полиција од страна на СЈО е по законски пат и дали е законски? Дали ги зел парите за да изврши дејства што му следуваат во согласност со работниот опис на функцијата – директор на Финансиската полиција?
Малку му биле тие пари, па неговата сопруга Премтиме Муареми исто така зела од СЈО илјадници евра надоместоци, односно зела пари од парите на граѓаните. Буџетот на државата и граѓаните е оштетен од страна на вработените во СЈО, од страна на СДСМ, преку кој се злоупотребени милионски суми. Додека граѓаните немаат леб да јадат, додека докторите земаат плата по 400 евра, додека полицајци ни гинат за 500 евра плата, Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и сите други обвинители, вработени во СЈО, и сите функционери од СДСМ зеле стотици илјади евра само затоа што ги извршувале политичките нарачки на Зоран Заев.
За ова некој мора да одговара и мора да сноси одговорност. Ова е класична злоупотреба на службената должност, класична злоупотреба на јавните финансии и организирано цедење на државниот буџет и буџетот на граѓаните. Ова е класично злосторничко здружување и за ова мора да одговараат сите оние што се офајдиле на овој начин од државниот буџет и од парите на граѓаните, истакна Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадиновска-Стојчевска и Агелер: Во Битола има уникатно богатство на чија заштита посветено работиме

Битола е богат град, и културно и историски. Секое делче од неа раскажува посебна приказна. Имаме уникатно богатство за чија заштита треба посветена работа“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која првата работна средба со амбасадорката на САД во нашата држава, Анџела Агелер, ја искористи за заедно да посетат неколку значајни локалитети и институции во Битола.
Костадиновска-Стојчевска и Агелер ги посетија археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Историскиот архив – Битола, а имаа и средба со пратенички и советнички од овој регион.
При посетата на локалитетот Хераклеја, се запознаа со текот на активностите во рамките на проектот за конзервација и презентација на мозаици и архитектура на локалитетот, кој треба да биде финализиран до јуни годинава, а за кој беше обезбеден грант од Американската амбасада во земјава.
Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до амбасадорката Агелер за стратегиското пријателство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, за грижата и солидарноста на американскиот народ, кој преку Амбасадорскот фонд во континуитет учествува во заштитата на македонските културни богатства за идните генерации што доаѓаат.
При посетата беше истакнато дека конзерваторските интервенции, кои за првпат се преземаат во олку голем обем токму благодарејќи на овој грант, не само што ќе овозможат зачувување на овие исклучително вредни културни добра по кои е препознатлива Хераклеја туку ќе дадат и ново светло и значење на самиот локалитет.
Македонија
(Видео) Адвокатот на Лидија Димова: Не ги злоупотребила фондовите

Ексдиректорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова не ги злоупотребила фондовите. Ова го тврди нејзиниот адвокат Зоран Молчанов, нејзин застапник. Тој посочи: „Па нема до сега ниеден што пријавил ошетета на тоа“, иако Обвинителството тврди дека штетата која ја направила е 20 милиони денари.
„Тезата е таква, од една страна. Меѓутоа нема предочено спротивно од кои одредби на закон се јавни набавки е постапено. Наспроти тоа ние објаснивме дека целокупната процедура е запазана баш согласно Закон за јавни набавки цитирајќи по кои членови тоа е направено“, кажа адвокатот.
Тој додава дека ОЛАФ ја затворило истрагата за Лидија Димова и посочува: „Се има интересирано меѓутоа нема утврдено никаква неправилност во работењето“.
Лидија Димова, не чувствува вина за делата злоупотреба на службената положба и овластувањето и измама на штета на европската заедница. Александар Гочев, второобвинет, призна вина за делото измама на штета на европската заедница. Со тоа судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска ја раздвои постапката за Гочев.
Обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска поднесе обвинителен акт против Лидија Димова, разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Александар Гочев, тогашен нејзин близок соработник, и Ана Павлиду, пензионира благајничка во институцијата. Според обвинителката, сите три лица оштетиле средства на европската заедница. Лидија Димова се гони дека со намера за друг да прибави имотна корист ја злоупотребила положбата и овластување, па постапила спротивно на Законот за јавните набавки и на Законот за основање Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Таа ангажирала соработници во Агенцијата, без да објави оглас, а меѓу нив е и ангажирањето на Зоран Златковски. Истовремено, Димова се гони и за исплаќањето издатоци за службени патувања. Обвинителката бара одговорност од Димова и за склучени договори без јавни набавки.
Македонија
Апасиев: Партиската полиција на Спасовски не престанува со тортурата врз левичарите

Непосредно пред одбележувањето на годишнината од раѓањето на таткото на македонската нација – Гоце Делчев, повеќе членови на Централниот комитет на Левицата, како што велат од партијата, без никаков повод и причина, утрово координирано биле повикани на информативен разговор во полициските станици во Македонија.
„Партиската ПОЛИЦИЈА на Спасовски не престанува со тортурата врз левичарите. Сабајлево, десетина модератори на локалните разграноци на Левицата во Македонија беа повикани на информативен разговор во полициски станици!“, велат од Левицата.
Од партијата додаваат дека Владата и министерот Спасовски продолжуваат со тактиките за заплашување и притисок врз Левицата како единствена антифашистичка партија со теренска поддршка бидејќи, како што велат, целта е да се задуши народниот антифашистички порив.
Инаку, претходно беше најавено за сабота засилено полициско обезбедување, а на настанот ќе присуствува државниот врв и, како што соопшти претседателот Пендаровски, се работи за настан од висок ризик.