Политика
ЛДП: Победата на либералната партија во Холандија е победа на концептот за обединета Европа
Либерално-демократската партија на Македонија упатува искрени честитки до Народната партија за слобода и демократија (ВВД), на премиерот Марк Руте, за победата на парламентарните избори во Холандија.
Народот на Холандија јасно се определи за победа на демократските сили над популистичките и националистички трендови кои се закануваат на стариот континент. Концептот на обединета и силна Европа е се’ побезбеден, додаваат од ЛДП.
Повторната победа на сестринската либерална партија во Холандија е аргумент повеќе и за Република Македонија да не скршнува од патот кој води кон Европската Унија и НАТО.
Нашата држава треба да го следи примерот на Холандија, која во овие тешки моменти за Европската унија, покажа демократска зрелост и одбра да продолжи по Европскиот пат, за една обединета Европа, бидејќи само таква Европа може да се справи со глобалните предизвици., порачуваат од партијата.
И токму во овој контекст, уште еднаш го повикуваме претседателот Ѓорге Иванов да не се спротивствува на волјата на мнозинството гласачи и да го додели мандатот за состав на нова влада на здружената опозициска коалиција, бидејќи унитарноста на Македонија ќе биде побезбедна во евроинтегративните процеси, потенцираат од ЛДП.
Воедно, предупредуваме дека изборот на претседател на Собранието мора да биде поврзан со изборот на нова влада која ќе ги преземе сите мерки за смирување на кризата и нормализирање на состојбите во државата, порачуваат од партијата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
